Ѕидовите на „Нотр дам“ би можеле да паднат поради рекордните горештини
Рекордните жештини кои ја зафатија Европа може да доведат до уривање на ѕидовите на катедралата „Нотр дам“, предупредија стручњаците.
Филип Вилнев, француски архитект и реставратор на историски споменици, вели дека камените ѕидови на катедралата и понатаму се заситени со вода, како последица на гасењето на пожарот во април.
Со рекордните температури кои се очекуваат во Париз неделава, ѕидовите може пребрзо да се исушат, а структурата и понатаму е кршлива, тврди Вилнев.
– Она од што се плашам е дека ѕидовите, додека се сушат, ќе почнат да ја губат својата кохезија и одеднаш да почнат да попуштаат – вели тој.
Стручњаците во моментот работат на стабилизација на структурата на катедралата пред почетокот на реконструкцијата.
Европските земји се борат со ефектите на екстремната горештина, со температури кои надминаа 40 степени Целзиусови во средата, а се прогнозира дека следните денови ќе биде уште пожешко, пишува „Скај њуз“.