Ѕидот во Клинички паѓа, а за мистрија нема кој да се фати


Во морето дезинформации, надлежностои и ненадлежности, единствено точна информација е дека ѕидот покрај улицата „Белградска“ кај Детската клиника со години се распаѓа и станува сѐ поопасен и за минувачите и за автомобилите и објектите. Сѐ друго е префрлање на топката од една институција во друга, од Министерство во општина, од општина во Град Скопје, па се до Центарот за управување со кризи.

Така вешто се напишани законите и подзаконските акти, што секоја од овие институции лесно може да се извлече од одговорност и надлежност, а за тоа кој треба да се фати за мистрија, во документите и актите не пишува.

Вчера, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на пеколни горештини, излезе на терен и направи видео запис со кој укажа на проблемот по втор пат, но одговорите од оние кои ги прозва се дека не се надлежни. Соопштенијата се полни датуми кој кога кому ја отстапил работата, ама никој не засука ракави да ги отсрани попаѓаните камења, да ја сопре водата, да го изѕида ѕидот наново. Треба ли тендер, треба ли јавна набавка, треба ли налог – никој не кажа. Кое јавно претпријатие треба да ја заврши работата, исто така не се знае.

Дел од потпорен ѕид на оградата кај Детската клиника на Клиничкиот центар се урна. Првиот човек на ЦУК бара да се интервенира веднаш и да се превенира поголема катастрофа, да не се загубат човечки животи, беше вчерашната вест, клоја претендира да се претвори во вечно актуелна тема.

Граѓаните си ја завршиле работата затоа што токму тие пријавиле до Центарот за управување со кризи. Но, ова не е првпат да биде пријавено, а дописи се испратени и до Министерството за здравство.

Претходно за овој проблем неколкупати предупреди и алармираше првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов. Тој рече дека ѕидот е накосен и ќе падне, но никој не изреагира.

На прашање дали е сериозна ситуацијата, тој вели дека не е стручен за тоа колку е сериозно, но дека јасно се гледаат штетите.

– Со здрав разум кога ќе погледнете зад мене, целиот ѕид е накосен. Во ноември 2022 година добивме пријава од загрижени граѓани дека овој ѕид може да падне. Кажавме на сите надлежни почнувајќи од Министерство за здравство. Го известивме и Град Скопје и Општина Центар. Ѕидот уште не е саниран. Не треба да чекаме некој да загине да се интервенира. Апелираме до надлежните институции да преземат мерки. Лицата кои се движат по улицата „Белградска“ е исклучителна фреквентна, затоа треба час поскоро да се интервенира – рече Стојанче Ангелов, ама никој од наведените не смогна сили да се зафати со решавање на проблемот.

Тој заклучува дека треба да се најдат начин да се започнат со конкретни дејства.

Општина Центар, денеска преку соопштение остро ги демантира наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината.

За тоа, тврдат, постојат законски акти и одлуки. Со одлука на Совет и Договорот, склучен меѓу Град Скопје и Општина Центар, на 5.8.2019 година, градските власти ја преземаат обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на следниве улици на подрачејто на Општина Центар: „Белградска“, „Востаничка“, „Св. Кирил и Методиј“, „Димитрие Чуповски“, „Лазар Личеновски“, „Македонија“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кеј „Димитар Влахов“, „Пролет“, „Васил Ѓоргов“ и „Самоилова“.

Во договорот децидно навеле: „Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината.

„Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на „Белградска“ не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата „Белградска“. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на „Белградска“ согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше“, дециден е градоначалникот Герасимовски.

Од Град Скопје, уште вчера се изземаа од одговорност и посочија дека Општина Центар и Министерството за здравство се одговорни за овој проблем.

„Поврзано со дезинформациите во јавноста а во врска со срушениот ѕид и ограда на Клиничкиот центар, Град Скопје ја известува јавноста дека нема законска надлежност за постапување во овој случај, односно согласно законските и подзаконски акти истото е во надлежност на Министерството за здравство на Македонија.

Попрецизно улицата „Белградска“ е улица во надлежност и сопственост на општина Центар, за истата донесена е одлука на Совет за одржување од страна на Град Скопје, кое во ниту еден случај не значи изградба на улица ниту друг вид градежни активности врз нејзини делови. Изградба на општински улици е во надлежност на општините додека на Градот Скопје се надлежност булеварите и сообраќајниците кои се опфатени во ГУП.

Потпорниот ѕид кој е изграден со функција ограда на Клиничкиот центар е надлежност на Министерството за здравство, односно негова изградба/реконструкција може согласно законските и подзаконски акти да прави единствено Министерството или негов орган овластен за истото“, велат од Град Скопје.

Од Министерството за здравство и од Клиничкиот цетар уште никој се нема произнесено.(Б.Б.)