„Џуст аксес“:Бугарија го злоупотребува меѓународното право со Македонија


Бугарија ја држи како заложник политичката судбина на Северна Македонија со барања без преседан и ја злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила, поради што земјава би можела да покрене правен спор пред меѓународните судови, оценува германската невладина организација „Џуст аксес“ во анализата насловена „Негиран пристап до ЕУ и правдата: Како постапките на Бугарија против Северна Македонија претставуваат злоупотреба на процедуралните правила за пристапување во ЕУ“.

Како што пренесува Дојче Веле на македонски, оваа невладина организација, која е специјализирана за меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, наведува дека бугарската тактика на „виткање на раката“ започна во 2019 година, кога се прибегна кон вршење груб притисок во рамките на институциите на ЕУ врз основа на сомнителни и инструментализирани културни и историски тврдења против Северна Македонија.

– Како што стојат работите, ова не само што претставува закана за дестабилизација на целиот регион, туку и ги отежнува односите меѓу Западниот Балкан и Унијата, се наведува во анализата, во која се посочува дека целта на текстот е да ги расветли главните чекори што го карактеризираат позитивниот однос на земјава со Унијата и да покаже како „непријателскиот став на Бугарија кон нејзиниот сосед е злоупотреба согласно меѓународното право во контекст на проширувањето на ЕУ“.

Според „Џуст аксес“, преговорите меѓу двете земји не треба да дозволат агресивниот и нефер став на „Бугарија кон нејзиниот сосед да остане незабележан, бидејќи нејзината инструментализација на правото на ЕУ и навредливите аргументи поврзани со културата и идентитетот, негативно влијаат на владеењето на правото во Европа“.

– Постојаното и инструментализирано спротивставување на Бугарија да ѝ се дозволи на Северна Македонија да го направи следниот чекор за влез во ЕУ ја засега целата Унија, не само Бугарија. Досега се чини како на Бугарија да ѝ е дадена слобода да ѝ наштети на политичката цел на својот сосед, злоупотребувајќи ги своите права и сложените процедури што се применуваат за проширувањето на ЕУ. Во меѓувреме, Северна Македонија наиде на пречки на патот кон ЕУ и покрај напорите кои беа поздравени од повеќето институции и земјите членки на Унијата, се додава во анализата.

Според авторите на текстот, бугарската тактика ѝ наштетува не само на европската политика, отворајќи ја вратата за „понатамошно лизгање“ на Западниот Балкан во орбитата на другите големи сили, туку исто така ѝ штети и на самата идеја за владеење на правото на европско ниво.

– Однесувањето на Бугарија се чини дека се заснова на сомнителен коктел на политичка, културна и правна инструментализација. Постои веројатност ваквата состојба да остави трајно негативно влијание врз македонскиот народ и регионот, доколку не се преземе ништо околу ова прашање, се оценува во текстот.

Германската невладина организација смета дека Бугарија ја злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила без вистински правни аргумент, па без судски средства за решавање на спорови овие повреди најверојатно нема да предизвикаат правни последици во оваа фаза.

– Северна Македонија би можела или треба да размисли за покренување на овој „спор“ пред меѓународен суд или тело, особено затоа што е на сила Договор за пријателство со Бугарија, кој е бесрамно прекршен од навредливиот став на Бугарија кон нејзиниот сосед. Сепак, ваквиот потег е навидум политички деликатен во моментот, бидејќи тоа најверојатно ќе ги поттикне стравувањата дека процесот на пристапување на земјата кон ЕУ ќе заглави уште подолго. Ова е јасна манифестација на успешна кампања за уцена што Бугарија ја води против нејзиниот македонски сосед, со целосно искористување на нејзината релативна привилегирана позиција како земја членка на ЕУ“, се вели меѓудругото во анализата чии делови пренесува ДВ