Џозеф: Договорот е за добрососедство, а однесувањето на Бугарија непријателско

„Договорот е за добрососедство, а однесувањето на Бугарија е сè, само не пријателско, дури и непријателско“, вели Џозеф кој учествуваше на меѓународна конференција посветена на украинската криза.
„ЕУ и САД направија грешка и не ја ставија Бугарија на исто рамниште како што беше Грција во преговорите со Северна Македонија“, додава тој.
Споредувајќи ги договорите што Македонија ги направи првин со Грција, а потоа и со Бугарија за да се одблокира патот кон НАТО и ЕУ, Џозеф вели дека оние два договори не се на исто рамниште. Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија е фер компромис, по што земјата стана членка на НАТО. Но, Францускиот предлог со кој се тргна бугарското вето за членство на Македонија во ЕУ, не е тоа. Тој предлог и дава надредена позиција на Бугарија, а тоа исто е грешка на Европската унија, вели Џозеф.
„Сега Северна Македонија треба да ги праша ЕУ, Франција и Германија и другите и да побара афирмација на македонскиот идентитет, да го афирмираат и да го признаат македонскиот народ, македонскиот јазик и аспекти од македонската историја“, вели Џозеф.
Тој вели дека Македонија, како мала земја, не треба безбедноста да ја бара под „чадорот“ на Србија, туку под чадорот на ЕУ и НАТО.
„Реков дека големиот српски национализам води кон голема Албанија, а голема Албанија е комплетно деструктивна за оваа земја. Треба да го балансирате Отворен Балкан со триаголникот Скопје-Приштина-Атина, тоа е здрав триаголник во кој земјите си ги почитуваат границите и идентитетот“, вели Џозеф.
Земјата според него сега треба максимално да се посвети на реформи, како владеење на правото, борба со корупција со што државата ќе се придвижи напред и ќе им се покаже на граѓаните дека е вистинско и дека е важно.
Тој денеска во Скопје учествуваше на Седумнаесеттата годишна меѓународна конференција за нови идеи на тема „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“ во организација на Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНХЦР во Северна Македонија.