Џонсон може повторно да го суспендира Парламентот


Британскиот премиер Борис Џонсон би можел повторно да го суспендира Парламентот, дури и ако британскиот Врховен суд пресуди дека првичното суспендирање е нелегално, се вели во поднесокот до судот објавен од опозицискиот адвокат Џо Мегам на неговиот профил на Твитер.

Денеска е последниот ден од тридневната расправа пред Врховниот суд на Велика Британија за да се утврди дали Џонсон постапил противзаконски кога го суспендираше Парламентот на пет недели во време кога беа во тек подготовките за Брегзит.

– Во зависност од образложението на судот, на премиерот ќе остане да размисли за понатамошно суспендирање, пишува во правниот документ на Мегам.

Тој успешно се справи со случајот за суспендирањето на Парламентот пред шкотскиот суд.