Џони Деп режира филм за Модиљани


 Џони Деп неодамна почна со снимање на својот нов филм во Будимпешта, Унгарија, во којшто една од главните улоги ќе толкува Ал Пачино. 

„Моди“ е вториот долгометражен филм режиран од Џони Деп, а во него ќе глумат и Италијанците актери Луиза Раниери и Рикардо Скамарцио. Приказната го следи италијанскиот уметник Амедео Модиљани (Скамарцио) – сликар и скулптор – инаку лошо момче, кој главно работел во Франција и станал познат по револуционерниот модерен стил на неговите портрети и актови.

Раниери ја глуми Розали, сопственичка на италијанско кафуле во Париз. Според раскажувањата за италијанскиот уметник со доста пороци, а починал на 35-годишна возраст, Розали му била мајка, и се грижела за Модиљани кога бил пијан и без пари дотолку што не можел да си дозволи оброк.

Ал Пачино ќе го глуми светски познатиот колекционер на уметност, Морис Гангнат. Во филмот ќе се појават и Антонија Десплат, Стивен Грејам, Бруно Гуери, Рајан Мекпарланд, Бенџамин Лаверне и Сали Филипс.

Се очекува снимањето на „Моди“ по неколку седмици во Будимпешта да се премести во Италија.

Филмот го означува и враќањето на Џони Деп на режисерската фотелја 25 години по „Храбриот“, во којшто тој и глумеше покрај Марлон Брандо. Инаку, една од неговите последни улоги е во филмот „Жан ди Бари“ каде што го глуми францускиот крал Луј Петнаесетти кој се вљубува во проститутка. Филмот беше премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан оваа година, а привлече големо внимание бидејќи ова е негова прва улога по судењата со неговата поранешна сопруга Амбер Хард.