Џонатан и Лила од скопската Зоолошка станаа родители на две мали пингвинчиња
Убава вест пристигнува од скопската Зоолошка градина.
– Новата година во Скопје ЗОО ќе ја започнеме со две бебиња пингвини. Нашиот пар Џонатан и Лила се родители на две мали пингвинчиња кои се испилија на 23-ти и 26-ти ноември, соопштија од Зоолошката.
– Пингвините несат по најмногу две јајца, а најчесто преживува само едно, но во Скопје ЗОО со сета грижа успешно се справуваме со овој предизвик веќе трета сезона и ова е трета година како што имаме бебиња, што е голема реткост во поголемиот број зоолошки, но и во природата. Крвната линија на нашето јато започна од Русија и Италија, а со бебињата кои ги имаме успешно ја продолжуваме одржливоста на видот Хамболт пингвини во Европа и светот. Овие јужноамерикански птици се многу интелигентни, секој со свој различен карактер, но се и многу стресни и затоа бараат многу внимание и грижа, споделуваат од ЗОО.
– До 20-тиот ден, за бебињата се грижеа само родителите, а оттогаш секојдневно добиваат асистенција и од зоонегувателите во улога на дадилки. Полот на пингвините ќе се утврди многу подоцна, затоа што е потребно преку пердув или крв да се направи ДНК анализа, појаснуваа од скопската Зоолошка.