Џо Кокер и Синди Лопер влегоа во Рокенрол-куќата на славните


Лос Анџелес – Новите лица на Рокенрол-куќата на славните за 2025 година се објавени. Вчера, за време на „Американскиот идол“, Рајан Сикрест објави дека тројца поединци и четири групи, „пионери во рок-музиката – икони и легенди што го развиваат овој жанр“, ќе ја добијат таа чест годинава.

Одбраните за оваа година се: Чаби Чекер, покојниот Џо Кокер, Синди Лопер, како и рок-составите „Бед компани“, „Ауткаст“, „Саундгарден“ и „Вајт страјпс“. Фондацијата на Рокенрол-куќата на славните ги изгласа во категоријата изведувачи. Били Ајдол и „Џој дивижн/Њу ордер“, „Блек кроуз“, Мараја Кери, „Манá“, „Оејзис“ и „Фиш“, беа меѓу номинираните за овогодишната свеченост во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес.

Дополнително, награди за музичка извонредност ќе им бидат доделени на Том Бел, Ники Хопкинс и Керол Кеј, како „уметници, музичари, текстописци и продуценти чија оригиналност и влијание имале драматично влијание врз музиката“, се соопштува.

Конечно, добитник на наградата „Ахмет Ертегун“ е Лени Воронкер, кој ги прослави „професионалците во индустријата кои не настапуваат, а кои имаат големо влијание врз креативниот развој и раст на рокенролот и музиката што влијае врз културата“, се додава.

– Секој од овие членови создаде свој звук и став што имаше длабоко влијание врз културата и помогна засекогаш да се промени текот на рокенролот. Нивната музика им даде глас на генерациите и влијаеше врз безброј уметници кои ги следеа нивните стапки, изјави претседателот на Рокенрол-куќата на славните, Џон Сајкс.

За да ја заслужат оваа чест, уметниците мора да ја издале својата прва комерцијална музика барем 25 години претходно.

Вклучувањето во Куќата на славните на рокенролот за 2025 година ќе се емитува во живо на 8 ноември – на „Дизни плус“ (Disney+), а подоцна со специјални емисии, и на други телевизии и стрим-платформи.