Џина Роуланд, актерка која глумеше силни, проблематични жени, почина на 94 години


 

Прославената американска актерка Џина Роуландс, која двапати беше номинирана за Оскар, почина на 94 години во својот дом во Калифорнија.

Синот Ник Касаветес во јуни откри дека Роуландс има Алцхајмерова болест, како нејзината мајка и ликот што го толкуваше во филмот „The Notebook“ од 2004 година.

“Таа е во целосна деменција. И тоа е толку лудо – го живеевме, таа го глумеше, а сега сме соочени со тоа”, изјави нејзиниот син, кој го режираше филмот, за Entertainment Weekly.

 

Роуландс се откажа од глумата во 2015 година, откако доби четири награди Еми и два златни глобуса. Беше номинирана за Оскар за најдобра актерка во 1976 за „Жена под влијание“ и во 1980 за „Глорија“. Двата филма се режирани од нејзиниот бивш сопруг Џон Касаветес, со кого беше во брак 35 години, до неговата смрт во 1989.

 
Роуландс ја почнала актерската кариера на Бродвеј и во ТВ-серии, пред да го има филмското деби во 1958. Иако беше успешна актерка и пред и после филмовите со Касаветес, токму серијата филмови снимени со нејзиниот сопруг ѝ ја обележа кариерата. Во десетте заеднички филмски проекти Роуландс одигра низа револуционерни улоги на емотивно скршени и копнежливи жени, што беше доста ретко во американската кинематографија во тој период и ја смести во редот на најталентираните холивудски актерки на својата генерација.
 
 
Високата, русокоса актерка сними 10 филмови со Касаветес пред неговата смрт во 1989 година, вклучително и психолошката драма „Отворање ноќ“ (1977), брачната сага „Лица“ (1968) и „Љубовни потоци“ од 1984 година, во која ја играше неговата сестра. 

 

Паралелно градеше успешна телевизиска кариера и излезе од сенката на Касаветес со филмови како „Друга жена“ на Вуди Ален, „Ноќ на Земјата“ на Џим Џармуш и „Неонската Библија“ на Теренс Дејвис. Се појави и во филмови режирани од нејзиниот син Ник, меѓу кои се истакнува романтичната драма „Бележникот“ од 2004.

Иако не доби Оскар за ниту една улога, Роуландс доби Почесен Оскар во 2015 година.

Вирџинија Кетрин „Џина“ Роуландс е родена на 19 јуни 1930 година во Камбрија, Висконсин. Нејзиниот татко бил банкар и политичар, а нејзината мајка актерка.

По колеџот се преселила во Њујорк, каде студирала драма на Американската академија за драмски уметности и се запознала со колегата Касаветес.

Роуландс беше во брак со Касаветес од 1954 година до неговата смрт. Имаа три деца. Во 2012 година, таа се омажи за бизнисменот Роберт Форест. (Ројтерс)