Џихан Ахмед се повлече, срамот остана


Пратениците во Собранието денеска на пленарна седница ги избраа Лимко Бејзароски и Наташа Амдиу за членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Предложените кандидати беа изгласани со 62 гласа ,,за” и еден воздржан пратеник.

Кандидатката Џихан Ахмед, како што информираше претседателот на Собранието Африм Гаши, вчера со допис до Собранието ја повлекла својата пријава.Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има 7 члена, а по повлекувањето на Ахмед сега има само 6 избрани членови. 

Најгласни во забелешките за кандидатурата на Ахмед беа од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде побараа Собранието да не ја избере бидејќи не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за спречување и заштита од дискриминација, односно нема ниту една година работно искуство од областа на човековите права, и особено во областа на еднаквост и недискриминација.

Иако се претстави како магистер по меѓународно право и настапи со намера да ја образложи својата мотивација и компетентност во областа на човековите права, Ахмед за време на расправата не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција – клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово-базирано насилство и дискриминација.

На директни прашања од претставници на граѓанските организации за суштината, механизмите и обврските што произлегуваат од Конвенцијата, таа не даде конкретни правни одговори, туку говореше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк, што беше оценето како несоодветно и алармантно за кандидат за ваква позиција.

Уште пред да биде избрана за член на Комисијата, Ахмед преку социјалните мрежи му се заблагодари на Изет Меџити, лидер на една од партиите во коалицијата ВLEN, иако Комисијата е натпартиско тело и не треба да се поврзува со ниту една политичка партија.