Џеки Чен ќе биде амбасадор на изложбата EXPO 2027 во Белград

Амбасадор на специјализираната изложба EXPO 2027 во Белград ќе биде познатиот холивудски актер и мајстор на боречки вештини, Џеки Чен, дознава српскиот медиум „Време“. Цената на ангажманот на Џеки Чен за потребите на изложбата EXPO 2027 не е позната, а според достапните извори, цената за слични активности се движи помеѓу 250.000 и 750.000 долари. Во земја каде што официјалната просечна плата едвај надминува 900 евра, а цените скокаат секој ден, овие суми звучат како навреда за граѓаните кои секојдневно ги трпат последиците од колапсот на правната држава и нефункционалните јавни служби.
Во својот одговор за неделникот „Време“, директорот на специјализираната изложба EXPO, Данило Јериниќ, ниту ги потврди ниту ги негираше нашите наоди. На прашањето за тоа кој и колку се платени амбасадорите на EXPO, тој одговори дека трошоците за ангажман ги плаќаат спонзорите, а не државата.
„Ангажирањето амбасадори не се плаќа од џебот на граѓаните, туку тој трошок го плаќаат спонзорите на изложбата“, напиша Јериниќ во писмен одговор до „Време“, истакнувајќи дека „амбасадор на изложбата EXPO во Дубаи беше Лионел Меси и дека тоа значително придонело за имиџот на изложбата и земјата домаќин“.
Џеки Чен е присутен во глобалните кампањи со години – од 2004 година е амбасадор на УНИЦЕФ и активно учествува во иницијативи за заштита на децата, здравјето и животната средина. Иако е роден во Хонг Конг, во последно време јавно ги фали политиките на Кинеската комунистичка партија и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Ангажирањето на Џеки Чен јасно ја открива намерата на државата да привлече што е можно повеќе луѓе од Кина на EXPO.
Во јуни оваа година, еден од амбасадорите на изложбата EXPO 2027 беше Хусеин Болт, светскиот рекордер на сто метри.
Белград ја доби организацијата на ЕКСПО 2027 во 2022 година, а владините претставници ја најавија како шанса за инфраструктурно оживување на Србија. Самата изложба ќе ги чини граѓаните на Србија 1,3 милијарди евра, додека другите инфраструктурни проекти што владата планира да ги спроведе под чадорот на оваа изложба вредат близу 17 милијарди евра.
Останува прашањето кој ја донесе одлуката да го ангажира Чен, под кои услови и што навистина ќе добие Србија за возврат? Ако одговорот е уште една серија селфиња на владини претставници со холивудска ѕвезда, тогаш е јасно дека ЕКСПО 2027 нема да биде можност за Србија да го покаже својот потенцијал, туку уште една скапа позадина зад која се збогатуваат привилегирани поединци од СНС и бизнисмени блиски до нив. (Мета)