Џаро ѕвезда на Саемот на книгата: Како станав крал на југословенската естрадна и спортска сцена
Денес фановите и љубопитните имаа шанса лично да го запознаат човекот што е белег на едно време што ќе остане вечно запаметено
Татко и ќерка, тој менаџерска легенда, таа новинарска ѕвезда, вечерва, на штандот на издавачот „ТРИ“ на Саемот на книгата во Скопје, се здружија за фановите, семејството, пријателите и колегите, за промоцијата на автобиографијата „Живот на коцка“. Велибор Џаровски – Џаро во „главната улога“, а Милица Џаровска, како автор и промотор. Се кажуваа досетки, се евоцираа спомени, се потпишуваа примероци, се фотографираше од ќеф и од сеир. Зашто Македонија има само еден Џаро, сите го знаат или слушнале за него, од млади до „не дај се генерацијо“.
Од неговите скромни почетоци, во семејната куќа во населбата Ѓорче Петров, каде што живее и денес, до неговото издигнување како успешен менаџер, книгата ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Со никогаш претходно кажани приказни и инсајдерски сознанија, мемоарите нудат фасцинантен поглед во светот на музиката и спортот во поранешна Југославија.
Најистакнати моменти во кариерата на Џаро, се дефинитивно неговите успешни соработки со некои од најголемите музички и спортски ѕвезди од регионот. Книгата детално ги прикажува предизвиците и триумфите на овие партнерства, откривајќи ги тајните зад успехот на Џаро.
„Живот на коцка“ е повеќе од само приказна за професионални достигнувања. Тоа е приказна за упорност, страст и моќ на решителност. Преку сопствените искуства, Џаро покажува дека со напорна работа и подготвеност да се ризикува, сѐ е возможно.
„Многу пати во јавноста сум ги споделувал моите приказни, но време беше да се стават и на хартија, тие и уште некои, кои досега ги немам кажано. Мојот „живот на коцка“ не се однесува само на коцката, туку на начинот на кој го живеев во едно поинакво време, па затоа ѝ дозволив на ќерка ми да го стави токму овој наслов. Но, и денес, иако побавно се движам, знам да им кажам на помладите: „Јас имам проблем со ногата, немам проблем со главата“, изјави Џаровски.
Организатор на над 5.000 концерти, промотор на безброј пејачи и фудбалери на кои им помогна да го достигнат врвот во кариерата, бестрашен прекршувач на законот со 135 лажирани натпревари… Специфичниот карактер и остриот ум го соочија со најразлични перипетии. Секогаш во центарот на вниманието поради различни згоди и скандали, тој остана крал на југословенската естрадна и спортска сцена дури и по нејзиното распаѓање. Во оваа книга за неговиот бурен живот ќе пронајдете многу вистини.
Денес фановите и љубопитните имаа шанса лично да го запознаат човекот што е белег на едно време што ќе остане вечно запаметено. (Л.С.)