Џамбаски со демонстранти ја спречи театарската претстава на Џон Малкович

Директорот на театарот завршил со скршени наочари, искината кошула и искината вратоврска


<Стотици граѓани, меѓу кои и европратеникот Ангел Џамбаски, синоќа предизвикале инцидент пред Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, оневозможувајќи да се одигра претставата „Оружје и човекот“ во која настапува познатиот холивудски актер Џон Малкович.

Претставата е заснована на текстот на Бернард Шо и претставува пародија на национализмот и империјализмот.Демонстрантите реагирале дека претставата, која ги претставува Бугарите за време на српско-бугарската војна (1885), е антибугарска, дека ги исмева и навредува бугарските војници и бугарскиот народ, односно дека е навреда за националните и христијански вредности.

Тие се конфронтирале со директорот на театарот, Васил Василев, и со продуцентот на претставата, а во еден момент дошло и до физичка пресметка. За време на вчерашните судири, демонстрант му ги зел и скршил очилата на актерот Владо Пенев, директорот на театарот завршил со искината кошула и вратоврска, а пред театарот бил нападнат познатиот режисер и сценарист Тео Ушев. Ушев, кој живее во Канада, побара оставка од министерот за внатрешни работи Атанас Илков.

Малкович гостуваше со претставата работена според текстот на Бернард Шо, едно од неговите најпоставувани дела, која важи за пародија на национализмот и империјализмот. Според „Факти“, Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.

„Апсолутно е неприфатливо да се спречат луѓето во една демократска земја да гледаат театарски претстави и концерти. Купив билет и околу 18:30 часот видов дека има полиција и многу луѓе пред театарот. Мислев дека сите дошле за претставата. Ги прашав полицајците како да влезам и тие прилично иронично ми рекоа  јас и девојка ми да застанеме на страна и да чекаме. Од некаде се појави европратеникот Ангел Џамбаски кој почна да ги вика луѓето да дојдат кај него. За секунда бевме опкружени со момци кои ставија маски на команда и почнаа да нѐ удираат со клоци по бубрези“,  вели Ушев за ТВ Нова.

Според директорот на театарот, Василев, нема проблем во претставата.

„Имаше притисок да се цензурира оваа претстава уште пред да се изведе претставата, ова е неприфатливо, ова не беше мирен протест. Излегов смирено кон демонстрантите, ги повикав да дозволат оваа претстава да се изведе и па да дадат оценка“, кажа Василев за БНТ.

Министерот за внатрешни работи Атанас Илков рече дека токму Василев е виновен за тензијата пред вратите на театарот.

„Протестот пред Народниот театар беше најавен. Во обезбедувањето беа вклучени повеќе од 60 вработени, по настанувањето на тензијата се вклучија дополнителни сили кои вршеа патролни активности на територијата на Софија. Дополнителната тензија произлезе од несоодветната постапка на директорот на театарот кој отишол да разговара со демонстрантите. Не ја проценил ситуацијата, дека има тензија пред театарот, морал да ги координира своите постапки со нас, за да не дојде до ескалација на тензијата“, изјави Илков.