Џафери подготвен за уставните амандмани, тие никако да дојдат во Собранието
Собранието уште ги нема добиено амандманите за измените на Уставот и вметнување на Бугарите. Владата треба да ги испрати како овластен предлагач, а собранискиот спикер Талат Џафери денес изјави дека откога ќе стигнат кај него, тогаш почнуваат да течат роковите.
„Собранието е подготвено во секој момент откога ќе постапат надлежните институции, односно овластените предлагачи, ние сме подготвени да постапиме во согласност со процедурите и роковите предвидени во Деловникот“, рече Џафери.
На дилемата дека тешко тие ќе стигнат до август, Џафери додаде: „ Не е проблем дали ќе дојдaт во август, прашањето е кога ќе добиеме материјал и оттогаш почнуваат роковите, независно дали е јули или август. За Собранието нема никаква пречка ниту август, ниту септември, ниту еден период од денот. Роковите течат откога ќе дојдат материјалите“.