Џафери не гледа улога за Собранието околу неработењето на обвинителот Ислам Абази

Колку има синови и ќерки што носеле одлуки, па никому ништо – беше реакцијата на претседателот на парламентот, Талат Џафери, на информацијата дека неговиот син, кој на спорен начин положи правосуден испит, аплицирал за работа во обвинителството во Гостивар.
„Оставете работата да покаже“, порача Џафери околу дилемата што ќе прави и како ќе му верува некој дека, ако треба да покрене обвинение против функционери на ДУИ, навистина ќе го направи тоа.
„Тој ќе треба да избере – или ќе поднесе обвинение како што одредува законот или самиот ќе оди во затвор“, прокоментира Џафери.
На истиот оглас за јавни обвинители за место во Кичево се јави и сопругата на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, кој од ноември лани е на оваа позиција, а е невидлив во јавноста и досега не покрена ниту една иницијатива за истрага, и покрај објавени сомневања за повеќе злоупотреби од страна на функционери на ДУИ. Ако обвинител кој само се сликал со ДУИ нема храброст да покрене случај против преставник на оваа партија, како ќе го направи тоа син на актуелен функционер, беше дилема на новинарите кои инсистираа со најавените уставни промени треба да се отвори можност Собранието да повика на одговорност обвинители кои не си ја работат работата за која се избрани. Во смисла ако можеле тоа да го направат за Катица Јанева, зошто да нема начин да се смени и Абази, што Џафери го отфрли како можно.
На брифингот со новинарите денес Џафери потврди исто така дека актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовевски сѐ уште е кандидат за уставен судија, иако расправата за неговиот избор никако да се одржи. На прашањето дали официјално пропадна неговата кандидатура поддржана од владејачкото мнозинство, Џафери одговори негативно, посочувајќи дека за избор на уставен судија нема рок до кога треба да заврши постапката, ниту пак формално е повлечена неговата кандидатура. Инаку, за изборот на уставни судии се расправа од мај минатата година.