Дворот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ ќе се реновира со донација од „Топ билд“
Во следниот период целосно ќе бидат реконструирани полигонот и кошаркарското игралиште што се наоѓаат во дворот на основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, а фудбалското игралиште ќе добие нов асфалт и тоа со донација од приватна компанија, соопштија од Општина Аеродром.
На полигонот ќе бидат поставени вкупно 68 сообраќајни знаци, а целосно ќе се уреди и хоризонталната сигнализација на површина од над 166 м2. Покрај тоа ќе бидат поставени и семафори и друга светлосна сигнализација, како за велосипедистите, така и за пешаците.
Реконструкцијата на полигонот има за цел подобрување и унапредување на воспитно-образовниот процес на учениците и велосипедистите, запознавање со сообраќајните правила и прописи, со што ќе се зголеми нивната безбедност во сообраќајот.
Во насока на подобрување на условите за спортување, проектот ќе опфати и целосна реконструкција на кошаркарското игралиште во рамките на дворот на ова училиште кое се наоѓа во срцето на Аеродром и секојдневно опслужува голем број професионални и рекреативни спортисти. Исто така, со нов асфалт ќе се обложи и фудбалското игралиште сместено во истиот двор.
Реконструкцијата ќе се изврши со донација од општествено-одговорната компанија „Топ билд“ ДООЕЛ експорт – импорт Скопје кои за оваа намена издвоија 6.711.325 денари или околу 110.000 евра. Донацијата е обезбедена од страна на ОУ ,,Ѓорѓија Пулевски”.