Двократниот добитник на НИН-овата награда, Драган Великиќ, е лауреат на „Прозарт 2026“


Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 14. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Драган Великиќ, еден од најзначајните, најпреведуваните и најпрепознатливите современи српски писатели. Наградата ќе му биде врачена лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Музеј на град Скопје, на 15 септември.

– Наградата „Прозарт” ми е посебно драга бидејќи доаѓа од просторот на мојата поранешна татковина, од читателите кои најдобро ме разбираат. Значењето на секоја награда го прават нејзините лауреати, а со „Прозарт”, во текот на своето 14-годишно постоење, се наградени писатели кои создадоа автентични книжевни светови. Убаво е да се биде во тоа друштво. Посебно ми е важно што оваа награда доаѓа по објавувањето на мојот „Виенски роман”, бидејќи тој допира теми многу актуелни во регионот, пред сè, недовербата кон другото и поинаквото. А литературата е тука за да нè поврзува со новите и поинакви погледи на светот” – вели Великиќ по повод добивањето на наградата.

Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, во состав проф. д-р Ермис Лафазановски (претседател), проф. д-р Александар Прокопиев (член) и Дејан Трајкоски (член), во своето образложение истакнува дека „во разновидното книжевно писмо на Великиќ постојани се неговата стилска префинетост, негувана уште од студентските денови како компаративец на Белградскиот универзитет, неговата приврзаност кон интимните состојби на јунаците (во кои има и автобиографски елементи), како и неговата изострена заинтересираност за актуелните промени во политичкиот, социјалниот и културниот живот во регионот. Со својот заокружен и исцизелиран прозен израз, Драган Великиќ сосема природно се приклучува кон низата големи балкански автори, добитници на наградата ‚Прозарт‘“.

Великиќ има импресивен опус од прозни дела – дванаесет романи, три збирки раскази и повеќе книги есеи, интервјуа и дела од други жанрови. Неговиот прв објавен роман, „ВиаПула“, го издвои како едно од најперспективните и најособените имиња во тогашниот нов постмодерен српски прозен бран. Неговите следни романи, „Астраган“ и „Дантеовиот плоштад“, го сместија меѓу водечките имиња на тогашната југословенска книжевна сцена.

Великиќ дури два пати се закитува со најзначајната српска награда за проза, „НИН“, за романите „Руски прозорец“ (2007) и „Иследник“ (2015), кој беше едно од најпродаваните прозни дела во Србија воопшто. Во 2013 година, ја добил Наградата на градот Будимпешта за литература, а во 2019 година и Меѓународната книжевна награда „Виленица“. Тој е член на Унгарската академија за уметност и книжевност „Сечени“.

Освен Великиќ, гости на 14. издание на фестивалот ќе бидат албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, ирско-британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ и психологот и авторка на детска литература Зиновија Василејади од Грција, како и домашниот претставник – писателот Блаже Миневски.

Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, годинава се одржува 13. програма „Скопје фелоушип“ и повеќе настани во рамките на дополнителната програма на фестивалот.

Oрганизатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.