Двејн Џонсон ќе глуми во новиот филм на Скорсезе


Двејн Џонсон, Леонардо ди Каприо и Емили Блант ќе бидат ѕвездите на нов филм на Мартин Скорсезе, што ќе го истражува подземјето на Хаваи, објавија холивудските медиуми.

Напишан од Ник Болтон, сѐ уште неименуваниот филм ќе следи вистински настани од 1960-тите и 1970-тите и ќе се фокусира на турбулентни времиња на хавајските острови, каде што харизматичен мафијашки бос се бори за превласт со ривалски криминални фракции, додека истовремено се обидува да ја заштити домородната земја од големи корпорации.

Ова е познат терен за Скорсезе, кој се прослави со гангстерски филмови како „Добри момци“ и „Покојните“.

Ова би била прва соработка на Скорсезе и Џонсон, кој потекнува од Хаваи и кажа дека отсекогаш сакал да сними филм таму.

Иако има 82 години, Скорсезе и натаму неуморно работи и има неколку проекти во подготовка како режисер или како продуцент. Меѓу нив се филмовите за Исус и Тиодор Рузвелт и серијата за сериски убиец „The Devil in the White City“.