Две визии за чаирскиот булевар: подземна сообраќајница или проширување со сечење на јаворите

Изет Меџити и Орце Ѓорѓиевски предлагаат булевар со шест ленти, додека Бујар Османи проект сообраќајницата да оди под земја, а над неа плоштад


Булеварот „Цветан Димов“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Дека булеварот „Цветан Димов“ во Скопје треба да претрпи реконструкција, воопшто не е спорно, а тоа одамна го знаат и градските и општински власти. По овој булевар што го поврзува центарот на Скопје со Чаир, Бутел и Шуто Оризари, дневно поминуваат и 100.000 возила, а негово проширување или евентуално друго решение како подземна сообраќајница, сега, пред локалните избори, нудат и кандидатите за градоначалник на Чаир, но и дел од кандидатите за градоначалници на Скопје.

Булеварите во Скопје се под надлежност на Градот, но вакви сообраќајници бараат соработка со општината на територијата на која се наоѓаат.

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, прикажа проект кој предвидува целосно решавање на сообраќајниот метеж со подземен сообраќај, изградба на современ нов плоштад и стотици подземни паркинг места, решение што, според него, ќе му даде нов живот на Чаир.

Бујар Османи го претставува проектот изработен од светски познатиот архитект Мишел Ројкинд

„Ова не е само инфраструктурен проект, ова е проект што му го враќа Чаир на граѓаните. Сообраќајот оди под земја, а луѓето, семејствата и локалниот бизнис добиваат простор за живот, дружење и развој. Ова е визијата за Чаир 2040; европски стандарди што ја претвораат пречката во можност“, изјави Османи.

За да ја прикаже изводливоста на идејата, Османи денеска објави видео од својата посета на Урошевац, Косово, каде што вакви решенија веќе успешно го ослободија градот од сообраќаен хаос. „Ако функционира таму ќе функционира и во Чаир. Нашата општина заслужува најдобро и нема да прифатам помалку,“ истакна тој.

Проектот, изработен од тимот на светски познатиот архитект Мишел Ројкинд, предвидува: подземен сообраќаен јазол на булеварот „Цветан Димов“, нов плоштад „Лирија“, простор за среќавање, култура и заедништво, како и подземен паркинг со стотици места што ќе го ослободат Чаир од сообраќајниот хаос и ќе му дадат здив на секојдневието.

Неговиот противник, Изет Меџити од ВЛЕН вели дека ќе се работи на проширување на булеварот „Цветан Димов“, но во соработката на локалната власт со Владата.

Проектот за проширување и трансформација на булеварот „Цветан Димов“, вреден 10 милиони евра, претставува најзначајниот инфраструктурен зафат во овој дел на главниот град во последните децении. Со овој проект, долгогодишните барања и потреби на над 100.000 жители ќе добијат одговор, Чаир и околните населби конечно ќе имаат модерен, безбеден и функционален булевар изграден по европски стандарди. Чаир ќе биде безбедно поврзан со останатите делови на Скопје, велат од ВЛЕН.

Идејата на Меџити е поддржана и од кандидатот за градоначалник на Град Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека со проширувње на булеварот „Цветан Димов” ќе се реши сообраќајниот хаос, а паралелно ќе биде изградена и монтажна катна гаража.

 

„По години одлагања, конечно ќе започнеме со реализација на овој проект, изградбата на булеварот ‘Цветан Димов’, кој претставува главна сообраќајна артерија што го поврзува Чаир со центарот на градот. Денес, на овој потег дневно се движат околу 100.000 возила, бидејќи тука минуваат возачи од Чаир, Бутел и Шуто Оризари, три општини кои се силно зависни од оваа улица. Сообраќајниот метеж овде одамна го надмина прагот на издржливост, а воедно носи и големи безбедносни ризици“, рече Ѓорѓиевски.

Согласно проектот од неговата програма за Скопје, овој булевар ќе биде изграден со шест коловозни ленти, велосипедски патеки, тротоари, зеленило и современо осветлување, со што ќе се реши хроничниот хаос. Проектот е дел и од неговата стратегија „Визија: Нула несреќи“, преку која до 2030 година Скопје ќе редизајнира 50 критични улици и крстосници, применувајќи европски стандарди за урбана безбедност.

И во август, пред официјалното распишување на изборите, овие двајца канидидати за градоначалници од коалицијата на власт, Меџити и Ѓорѓиевски (двајцата со сѐ уште други актуелни функции – вицепремиер и министер за животна средина и градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, соодветно) се појавија во заеднички на настан да промовираат нешто доколку бидат избрани.

Двајца кандидати: Орце Ѓорѓиевски и Изет Меџити

Најавија дека за реализацијата на овој проект предвидени се 10 милиони евра, од кои околу 3 милиони за експропријација и околу 7 милиони евра за реализација на проектот.

„Досега немаше волја. Има главен проект, има студија за експропријација. Почната е и постапката. Експропријација е предвидена околу 3 милиони евра, додека реализацијата на проектот околу 7 милиони евра. За реализацијата на овој проект вкупно се предвидени 10 милиони евра. Но, е клучен за да се елиминира оваа црна точка во сообраќајот во Град Скопје. Со ова мислам дека ќе се нормализира сообраќајот во Градот Скопје, а посебно во Чаир, бидејќи ова се поврзува и со обиколницата на Градот Скопје. Ова е во врвните проекти за Чаир, а верувам и на Градот Скопје“, рече Меџити.

Ѓорѓиевски тврди дека во Градот Скопје веќе ја има комплетната документација, како и сите услови поврзани со експропријацијата која што ќе треба да се направи.

За реконструкција на овој булевар, Советот на Град Скопје со 30 гласа „за“ одобри 140 милиони денари или околу 2,3 милиони евра во јуни 2023 година, но парите не стигнаа до Општина Чаир, затоа што Градот ги пренамени, а во меѓувреме актуелната градоначалничка Данела Арсовска се скара со партијата што ја поддржа како независен кандидат, ВМРО-ДПМНЕ, па престана да комуницира и со коалиционите партнери од ВЛЕН, чиј градоначалник Висар Ганиу, беше на чело на Општина Чаир.

Фото: Б. Грданоски

Решение за „Цветан Димов“ планираше и претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, кој пак на оваа сообраќајница постави бетонски ѕид, во времето на короната, односно во 2020 година, со цел да се спречат полукружни вртења на оваа прометна сообраќајница. Ѕидот беше со привремен карактер, но сѐ уште не е отстранет. Неговиот план предвидуваше и „Цветан Димов“ да биде главна сообраќајница за вториот дел од БРТ системот за јавен превоз, односно по него требаше да поминуваат автобусите кои ќе го поврзуваа источниот со западниот дел.

Од Зелен хуман град пак, уште при првата најава за проширување на булеварот со шест ленти, од сегашните четири укажаа, на опасноста да се исечат децениските јавори.

Сегашните проекти кои ги презентираат кандидатите за градоначалници, воопшто не даваат образложение што ќе се случи со овие децениски стари дрвја, кои претставуваат и препознатлив знак за Скопје од левата страна на Вардар.