Две обвинувања за претседателката на Антикорупциска: Оддавала службена тајна и друг полагал за неа безбедносен сертификат
Освен познатите информации за незаконските активности во случајот „Адитив“, Татјана Димитровска побарала од нејзин колега во Ревизија да го полага тестот за класифицирани информации како да е таа и потоа добила сертификат

Претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е наведена на два пати во обвинителниот акт што денеска го објави Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) – еднаш дека оддавала службени тајни во случајот „Адитив“, а друг пат дека побарала од нејзин колега во Државниот завод за ревизија да го полага нејзиниот тест место таа за добивање сертификат за класифицирани информации. При тоа, таа му ги испратила на колегата сите неопходни компјутерски податоци за да полага место неа. И тој што полагал место неа сега е обвинет.
Ова е прв пат претседател на Антикорупциската комисија (а и член) да биде обвинет за корупција против која треба да се бори. Димитровска неколку месеци не учествува во работата на ДКСК, не добива предмети, но прима плата. Ова е огромен удар за Антикорупциската комисија, која од Нова година наваму речиси целосно ја загуби довербата во јавноста.
Во соопштението на ОЈО ГОККК се вели дека е поднесен обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна. Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.
„Како службено лице – претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот ‘Адитив’ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, стои во соопштението од Обвинителство.
На Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации, откако преку службениот телефон му испратила пристапни податоци на ревизор во Државниот завод за ревизија, кој во нејзино име го положил тестот за безбедносна обука.
„На истата обвинета ѝ се става на товар и дека со цел да добие сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен државна тајна“, појаснуваат од ОЈО.
Во обвинителен акт поднесен до Основен Кривичен суд, веќе обвинето во предметот „Адитив“, сега се товари и за кривични дела Злосторничко здружување, за помагање при Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
„Обвинетиот, како член на група, вработен во едно од обвинетите правни лица, од јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија и искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинети правни лица во предметот ‘Адитив’ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело. На овој начин им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договорите за јавни набавки. Во периодот од август 2023 до ноември 2024 година, обвинетиот на сопствената денарска сметка уплатил парични средства во вкупен износ од 408.300 денари, а од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања во вкупен износ од 1.963.800 денари. Иако знаел дека средствата правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство, со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово, со што ги исполнил битијата на кривичните дела кои сега дополнително му се ставаат на товар“, велат оттаму.
Покрај Димитровска, обвинителството поднесе обвинителен предлог и против уште две лица. Меѓу нив е и раководителка на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје, која во септември 2024 година, исто така, на неповикано лице му доставила податоци што се сметаат за службена тајна.
„Во обвинителниот предлог првообвинетата е службено лице – раководител на сектор во ТЕЦ ‘Неготино’, која од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот ‘Адитив’, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице. Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од известувањето, иако сите податоци, документи, известувања и извештаи согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка“.
Предметот „Адитив“ е веќе започнат и се суди во дигиталната судница во Идризово.