Две нови фестивалски селекции во Италија за „Јон Вардар“


Македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со успешното фестивалско патешествие, со две нови селекции во Италија. Филмот ќе биде прикажан во главната програма на Ariano International Film Festival, каде што ќе има прајм-тајм проекција овој вторник, 29 јули, како и на International Tour Film Festival во Рим, во текот на октомври.

Двата фестивала имаат за цел да ја промовираат кинематографската уметност преку поттикнување на иновативни стилски пристапи и културна размена помеѓу различни народи и култури. Особено внимание се посветува на дела кои ја комбинираат уметноста со забава, едукација и современа визуелна експресија.

„Многу сум среќен што филмот продолжува да живее на фестивали низ Европа и светот. Италија е посебно значајна за мене, бидејќи е земја со богата традиција во анимацијата и филмската уметност. Овие селекции се уште една потврда дека и од малите земји можат да дојдат големи авантури,“ изјави режисерот Гоце Цветановски.

Овие нови селекции доаѓаат по италијанската премиера во мај на Cartoons on the Bay, најголемиот италијански фестивал за анимација, каде што „Јон Вардар против Галаксијата“ се натпреваруваше за Pulcinella Award, една од најпрестижните европски награди во областа на анимацијата.