Две милијарди евра ќе бидат потребни за развој на патната инфратруктура до 2030
Патиштата се крајно важни за интеграцијата на Северна Македонија на регионалниот и европскиот пазар. Не станува збор само за цена, туку и за квалитет. Сите веќе откривме дека некогаш е многу скапо да си сиромашен, порача денеска францускиот амбасадор Кристијан Тимоние пред македонските и француските градежни компании на презентацијата што се одржа во Јавното претпријатие за државни патишта.
Според Тимоние, мора да се инсистира на квалитет бидејќи на луѓето треба да им се дадат патишта какви што заслужуваат.
– Вистина е дека француските компании на почетокот навидум се поскапи од другите, но на крај немате потреба од преработување во догледно време. Тоа економски можеби не им одговара на некои, ама е во полза на државата, рече Тимоние.
Во моментот, во земјава се рехабилитираат над 400 километри регионални и магистрални патишта и автопати. Се работи и на нови мостови, на 12 реконструкции на стари мостови кои не се рехабилитирани со години, како и на свлечишта. Проценките се дека до 2030 година во земјава ќе треба да бидат инвестирани најмалку две милијарди евра за развој на патната инфраструктура.
– Ако не ги направиме овие инвестиции нашиот транспортен систем ќе стане уште поситен и неефикасен. Исто така ни требаат мазни и добро одржувани транспортни врски за да се стимулира економскиот раст и да се создаде поголемо вработување, нагласи директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Денешната презентација беше организирана со цел најголемите македонски градежни компании да се запознаат со искуствата и знаењата што ги имаат нивните француски колеги во делот на напредните технологии во патната инфраструктура. За таа цел, на презентацијата покрај претставници на македонските градежни компании беа присутни и претставници од француските компании „Freyssinet“ i „Sixense“ и од подружниците на „Vinci“ во Скопје.
Настанот е поддржан од Француската амбасада и француската Генерална управа за финансии во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, како дел од новата француска стратегија за Западен Балкан објавена од францускиот претседател Емануел Макрон на неформалниот Самит во Берлин.