Две изложби во Чифте амам како симболичен спој помеѓу собирањето на богатата национална колекција и нејзината јавна презентација (фото)
Кон групната изложба „Аквизиции и донации (2014 – 2024)“ и проектот „Inter Spem et Metum“ на Јанешлиева од венециското Биенале кои се во тек

На отворањето на двата значајни изложбени настани на 19 јуни 2025, во амбиент на магичната квечерина пред Чифте амам, претставниците на Националната галерија на Македонија изразија големо задоволство и чест да побараат внимание кон значењето на згрижувањето, негувањето и афирмирањето на македонското ликовно творештво.
Маја Неделкоска Брзанова, директорката на Националната галерија нагласи дека изложбите претставуваат симболичен спој помеѓу собирањето на богатата национална колекција и нејзината јавна презентација, со цел идните генерации да добијат увид во делата на еминентни уметници, како и на помладите таленти.
Ја подвлече важноста од соработката со уметниците и нивната доверба, преку донации и парцијални откупи, како една од најзначајните мерки за збогатување на збирките. Легатите како што е случајот со Лазар Личеноски, чие наследство по сите фази на санација и конзервација стануваат дел од културното богатство на државата. Особено ја истакнаа потребата од континуирана грижа за културното наследство како клучен дел од националната идентитетска равенка, го нагласи ангажманот за одржување и промовирање на македонското уметничко наследство како одраз на нашата културна самобитност и идентитет.
„Она што е не помалку важно е токму презентацијата на нашето културно наследство, во случајот ликовното творештво, да го направиме видливо надвор од границите на нашата држава, и да отвориме простор на македонската уметничка продукција за интернационален дијалог, да ги поддржиме нашите уметници во нивната меѓународна афирмација. Една таква можност е токму учеството на Венециското ликовно биенале, нешто кое за нашата институција не е само обврска, туку и привилегија. Како Национална галерија, со особена одговорност ја носиме улогата на носители на националните претставувања на овој значаен настан, кој претставува една од најреномираните и најпрестижни меѓународни платформи за современа уметност. Оттука, сакавме да и овозможиме на публиката непосредно, една година потоа, вечерва, да го доживее повторно отворањето на македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале и проектот „Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв“ на Славица Јанешлиева.
Оваа година во Скопје, во нашиот објект Чифте амам, проектот Помеѓу надеж и страв на авторот Славица Јанешлиева, под кураторство на кустос советник, д-р Ана Франговска, носи тивка, но силна порака – за постоењето на човекот во едно кревко, но динамично темпо, живеејќи помеѓу надежта и стравот, помеѓу светлината и сенката. Концептот на проектот авторот го гради низ внимателно одбрани визуелни елементи и просторни симболики кои меѓусебно се надополнуваат, создавајќи на тој начин амбиент кој ја надминува галериската функција и се претвара во простор на емоционално и интелектуално доживување.
Inter Spem et Metum не само што претставува вредно уметничко сведоштво, туку и поставува теми кои се универзални – прашања за иднината, за општеството, за личниот и колективниот страв, но и за вербата дека секој чин на уметност е чин на надеж. Всушност она што е суштествено да се нагласи е дека токму ваквите проекти сведочат за зрелоста на нашата уметничка сцена и за нејзиниот капацитет таа да комуницира со глобалните текови, но истовремено да понуди и сопствена, автентична перспектива.