Две големи земји ќе ни го гарантираат идентитетот
Покрај Германија уште една голема земја, која не е членка на Европската унија, наскоро на ниво на влада ќе излезе со декларација или сличен документ со која ќе ни го гарантира македонскиот идентитет, јазик и култура – како охрабрување за уставните измени кои се во тек, а за кои сѐ уште има колебања.
Ова го најави денес премиерот Димитар Ковачевски, кој не именуваше ниту една од двете земји, но порача дека втората ќе биде уште поголема од првата и дека тие ќе бидат засилување на нашата резолуција што беше изгласана во Собранието.
За потсетување со таа резолуција владата (која и да е) се обврзува да го прекине процесот на евроинтеграција ако има обид да се оспори во ЕУ некое од идентитетските прашања. Со неа се утврдија државните позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет, како брана од блокадите на европските интеграции. Таа беше поднесена и изгласана исто така од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Со неа се дефинираат практично клучните македонски црвени линии околу спорот со Бугарија.