Дванаесет членки на ЕУ, меѓу кои Хрватска и Грција, се согласија за туристички ковид пасоши


Дванаесет членки на Европската унија постигнаа договор за критериумите за издавање на ковид-пасоши, односно т.н. „Зелен пасош“ што ќе го олесни протокот на туристи за време на пандемијата, беше објавено во Виена во понеделникот.

„Нашата цел е да го имплементираме ‘зелениот пасош’ брзо и по можност во единствена форма на ниво на ЕУ“, изјави за АПА австриската министерка за туризам Елизабет Костингер, пренесе Хина.

Таа рече дека тоа е „прашање за опстанок за европскиот туризам“.

Хрватска, Австрија, Кипар, Данска, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Португалија, Словенија и Шпанија се договорија на крајот на март за седум критериуми за издавање на „зелен пасош“, кои треба да се спроведат најдоцна до почетокот на јуни.

„’Зелениот пасош’ веднаш обезбедува информации преку QR-кодот за тоа дали носителот е вакциниран, тестиран или прележал коронавирус. Ова овозможува едноставна и практична примена во ЕУ: од пријавување на аеродромите до посета на гостилница на село“, рече австриската министерка за туризам.

Таа истакна дека во секој случај сака да избегне третирање на овој вид документи како принуда за вакцинирање.

Чувствителните здравствени податоци на носителите на „зелениот пасош“ исто така ќе останат во земјата на потекло и нема да се чуваат централно на ниво на ЕУ.

Понатамошна цел е усогласување на примената на „зелениот пасош“ со трети земји.

Списокот со критериуми беше, како што беше речено, доставен на контрола до Европската комисија, која треба да донесе одлука за спроведувањето во наредните денови.