Двајца заменици-министри поднесоа оставки и застанаа зад Таравари


Арбен Таравари на партиски собир во Куманово во февруари

 

По неколкуте пребези од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари денеска доскорешниот министер за здравство доби поддршка со заминувањето на двајца заменици-министри.

Оставки поднесоа заменик-министерот за земјоделство, Флакрон Беџети, и заменик-министерката за одбрана, Елфете Исмаили.

Во објава на Фејсбук, во која ја приложува и потпишаната оставка, Безети напиша:

„Ова беше 10-месечен период на посветеност, одговорност, да се служи оваа функција во корист на земјоделците и сите други што ги претставува ова министерство. Верувам дека со достоинство, транспарентност, сериозност и гордост, придонесов на оваа позиција, колку и да е малку, за општото добро“.

Тој упатува благодарност до премиерот, министерот за земјоделство, владиниот кабинет, колегите и соработниците за коректната соработка.

„Исто така, сакам да му се заблагодарам на мојот претседател Арбен Таравари и на партиските тела на Алијанса за Албанците за поддршката и довербата што ми ја дадоа. Верувам дека во ниту еден момент не ги разочарав со мојата работа, сакајќи да ја афирмирам улогата на субјектот што го претставувам“, вели Беџети.

Исмаили напиша слично на Фејсбук: 

„Денес поднесов неотповиклива оставка од функцијата заменик-министер за одбрана. Додека ја извршував оваа функција се водев од институционална посветеност, транспарентност и од одговорност кон граѓаните и кон државниот интерес. Мојата оставка е резултат на длабока лична и професионална проценка, верувајќи дека ова е неопходен чекор и во согласност со моите убедувања“, објави Исмаили на Фејсбук.

Таа му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за довербата и можноста да биде дел од Владата или како што вели таа, тим „кој носеше важна одговорност во чувствителен период за заштитата и безбедноста на земјата“.

„Исто така, посебна благодарност му упатувам на претседателот на Алијансата за Албанците, г-дин Арбен Таравари, за поддршката и довербата што ми ја даде достојно да ја претставувам нашата партија и општество на оваа висока функција. Поддршката на институциите и придонесот кон јавниот интерес секогаш ќе останат мој приоритет, без оглед на позициите што ги држам“, напиша Исмаили во оставката.