Двајца романски државјани уапсени во Грција за шпионажа

Двајца државјани на Романија вчера биле уапсени кај грчкиот остров Саламина во близина на поморската станица на воената морнарица на Грција и се товарат за шпионажа, откако кај нив бил пронајден фотографски материјал од базата, јави дописничката на МИА од Атина.
Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека во попладневните часови вчера биле информирани за пловно средство со грчко знаме на кое се наоѓале двајцата романски државјани, а кое се движело во каналот на поморската база и било запрено од брод на воената морнарица.
При извршената контрола било утврдено дека лицата на возраст од 22 и 52 години на нивните мобилни телефони поседуваат фотографски материјал од поморската станица, по што биле уапсени под обвинение дека го прекршиле конкретниот член од Кривичниот законик што се однесува на шпионажа.
Дополнително, биле запленети три мобилни телефони и паричен износ од 4.700 евра и 400 американски долари.
Поморската база Саламина е најголемата грчка поморска база и се наоѓа североисточно од островот Саламина што е во непосредна близина на Атина.