Двајца работници на аеродромот во Франкфурт починаа од маларија заразени од комарци што се пренеле во авиони


Двајца работници на аеродромот во Франкфурт починаа од маларија откако се заразиле од комарци пренесени со авиони во Германија од региони каде што болеста е ендемска, соопштија операторот на аеродромот Фрапорт и градските здравствени власти, јави ДПА.

Првиот работник починал на почетокот на јули, а вториот во август, соопштија здравствените власти на Франкфурт, додавајќи дека причината за болеста е утврдена дури откако пациентите починале. ДПА јави дека вкупно шест работници се заразиле со тропска маларија, најопасната форма на болеста, додека работеле на аеродромот. Останатите четири заразени лица се опоравуваат и добиле потребен третман.

Институтот за јавно здравје Роберт Кох првично пријави четири случаи на маларија кај аеродромски работници.

„Луѓето се разболеле помеѓу 4 и 6 јули оваа година. Се претпоставува дека инфекцијата ја пренел заразен комарец (Anopheles) пренесен на авион“, соопшти институтот во својот епидемиолошки билтен.

„Нема веројатност болеста да се пренесувала од човек на човек. Не постои ризик за жителите на Франкфурт“, увери директорот за здравство на градот, Петер Тинеман.