Два пожари на Водно, Ангелов: Во прашање е вандализам


Утрово на 1 септември избиле два пожари на Водно, а од еден од нив бил зафатен и планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ што се наоѓа на врвот на ова планина на територијата на Скопје. Забележан е и трет инцидент – искршено стакло на продавницата што се наоѓа во склоп на Милениумскиот крст на врвот на Водно.

Овие информации од терен ги сподели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, кој смета дека „се работи за вандализам на најмалку три места“.

Ангелов посочи дека надлежните служби итно реагирале и ги изгаснале пожарите, а во спротивно, според него, можело да дојде до катастрофален пожар.

Според неговата изјава, прво околу 7:20 часот на телефонскиот број 112 била добиена пријава за запалена бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште на потегот од Средно Водно до врвот на планината.

„Екипа на Парк шумата Водно излегла на место. Неколку добронамерници планинари веќе дејствувале врз опожарените трупци и бандера и помогнале огнот да биде целосно изгаснат“, вели Ангелов.

Околу еден час подоцна, планинар му се јавил на директорот лично за да пријави дека на врвот на планината гори планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.

„Од она што можев овде лично да го забележам е дека пожарот е започнат надвор од домот од куп ѓубре или дрва. Потоа, според кажувањата на првите очевидци, пожарот се проширил врз дрвената рамка на прозорот на планинарскиот дом од каде влегол во внатрешноста“, вели Ангелов.

Екипи на МВР се на самото место и трагаат можните лица кои ги предизвикале пожарите.