Душко Чифлиганец: Живееме во свет кој урива рекорди на нарушено ментално здравје и меѓучовечки односи
На годинашниот The Economist MeetUp во Скопје, говорејќи на панелот „Бизнис, закон и заедница“, на тема „Како големите компании го обликуваат економскиот и општествениот раст“, заменик претседателот на Адора Бизнис Групација, Душко Чифлиганец, на почетниците во претприемништвото им порача на прво место да го ставаат својот интегритет, да работат етички, морално и чесно, бидејќи овие карактеристики за жал сè повеќе недостасуваат во работната средина, не само во Македонија, туку помалку или повеќе, секаде во светот. Според Чифлиганец неетичното однесување во бизнисот е како канцер во стопанството. Кога поединец или компанија работи нечесно, тоа испраќа разочарување и лош пример кон другите деловни субјекти и најпоразително од сè, тоа е лош пример за новите генерации, па таа појава сè повеќе се продлабочува. Чифлиганец им порача на младите да работат за да живеат, а не обратно. „Не треба да сме алчни, не е сè во профитот и материјалното. Живееме во свет кој урива рекорди на нарушено ментално здравје и нарушени меѓучовеки односи од секаков вид. Забораваме дека пред сè, треба да сме луѓе и тоа секојдневно да го комуницираме едни кон други. Бизнис лекциите се важни, но на крајот на денот, поважно е да заспиваме и да се будиме со добра мисла, со мирен ум и спокој, и да бидеме богати со оние најскапи работи околу нас, оние работи што не се купуваат со пари“, порача Чифлиганец.
Исто така, на средбата на Economist, Душко Чифлиганец ги претстави развојните планови на Адора во следниот период, зборувајќи за конкретните инвестиции во градежништвото во 2025, во Македонија, Грција и Словенија. Тој навести изградба на мошне интересен комплекс за одмор и рекреација на самиот морски брег на Халкидики и премиерен објект на Адора на исклучително квалитетна локација во Словенија, односно изградба на станбена зграда во централната зона на Љубљана. Чифлиганец најави и целосно нови бизнис дејности кои ќе бидат под капата на Адора, во сферата на финансиското инвестирање и енергетиката.
На панелот, Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, истакна дека стратегијата на овој бренд е безвременска, заснована на диверзифицираното портфолио, партнерскиот однос со купувачите, грижата за заедницата и грижата за вработените, како нивна „тајна состојка“. Осврнувајќи се на предизвиците на македонската легислатива, д-р Ана Пепељугоска, партнер во Адвокатското друштво Пепељугоски, потенцира дека заштитата и регулацијата на интелектуалната сопственост кај нас се целосно занемарени, дека значително заостануваме зад регионот и затоа итно треба да се донесе национална стратегија за интелектуална сопственост.
На The Economist MeetUp 2025 во Скопје, реномиран собир на претставници на бизнисот, економијата и општеството од Македонија и регионот, беа изнесени многу интересни и корисни анализи, искуства, насоки и визии за тоа што може да го очекуваме во 2025 и годините потоа.