Дури 70 отсто од граѓаните би го промениле греењето ако добијат помош

Мерките за енергетска ефикасност ја намалуваат на потрошувачката на енергија, од што полза имаат потрошувачите, но е значајно и во борбата против климатските промени и има влијание врз животната средина. На панелот на тема „Енергетската ефикасност како главен фактор за намалување на потрошувачката на енергија по 2030 година“, во рамки на „Македонски енергетски форум 2019“ што се одржа во Струга, извршниот директор на „Екосвест“, Ана Чоловиќ рече дека државата треба да обезбеди поволни кредити за да можат граѓаните да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност.
„Истражувањето што го спроведовме покажа дека 29 отсто од граѓаните би го промениле начинот на греење, а само 10 отсто би примениле мерки за енергетска ефикасност за да се подобри состојбата со животната средина. Знаеме дека тоа е скап процес и се покажува дека 70 проценти од населението би примениле енергетски ефикасни мерки доколку добијат финансиска помош да ги спроведат“, рече Чоловиќ.
И Ана Стојиловска од Централноевропскиот универзитет во Будимпешта смета дека на граѓаните треба да им се овозможи да добијат поволни кредити за воведување мерки за енергетска ефикасност, во што државата треба да ја земе главната улога.
Градежниот сектор учествува со 40 до 45 отсто во вкупната потрошувачка на енергија, укажа Ивица Јакимовски, директор на „Голден арт“ и претседател на Градежната комора.
„Домаќинствата учествуваат со многу голем процент во потрошувачката на енергија и затоа треба да се воведуваат мерки за енергетска ефикасност. Во последните десет години практикуваме изградба на објекти со енергетска ефикасност, но на граѓаните треба да им се посочи дека треба да користат ефикасни градежни материјали од А-енергетска класа. Најголем дел од енергијата оди на греење и ладење. Значаен дел од тоа може да се реши преку енергетски ефикасни прозорци и врати со специјални стакла кои не дозволуваат губење на енергијата или влегување на топлина од надвор“, рече Јакимовски.
Заштедата на енергија, нагласи, може да се зголеми и до шест пати доколку се воведат мерки за енергетска ефикасност од А-класа.