Дуња Иванова вицешампионка на Балканското првенство во МТБ Маратон

Дуња Иванова, дел од сениорската репрезентација на Велосипедската федерација на Македонија избрана од селекторот Емил Цветанов, оваа недела се закити со сребрен медал на Балканското првенство во планински маратон кое се одржа во Блидње, Босна и Херцеговина.
Патеката со должина од 73 километри и висинско искачување од 1.600 метри ја измина со вкупно време од 4 часа и 21 минута и ја обезбеди титулата на вицешампионка зад победничката Мануела Муресан од Романија, додека на третото место беше Нина Видовиќ од Босна и Херцеговина.
На овој натпревар во машка конкуренција, македонските претставници Јован Паневски и Александар Милошевски во силна сениорска конкуренција го изборија четвртото односно петтото место, додека во категоријата на Мастерс натпреварувачи Љубиша Кондев го освои првото место.
Во низата на следни предизвици за Дуња Иванова е Светското првенство во МТБ Маратон во Валис, Швајцарија за кое неодамна таа оствари норма рангирајќи се помеѓу најдобрите 60 велосипедистки на светската УЦИ ранг листа.