Дуковски и Поповски за крај: Спуштена завесата на 57. „Војдан Чернодрински“ во Прилеп


Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски, во изведба на врвниот ансамбл на Српското народно позозиште од Нови Сад,

Со претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски, во изведба на врвниот ансамбл на Српското народно позозиште од Нови Сад, по осум дена, најдоброто од македонската театарска сцена, тркалезни маси, разговори и дружење,  се спушти завесата на 57. издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, годинава со театралогот Ана Стојаноска како уметнички директор. 

Јанко Љумовиќ од Подгорица, претседател на меѓународното жири во Прилеп

Во отсуство на режисерот и авторот на текстот, Поповски режира во Истанбул, Дуковски на работилница во Италија, пред преполна сала во Домот на културата „Марко Цепенков“, со задоволна публика и гости од дипломатскиот кор, „Последниот балкански вампир“ синоќа, во чест на наградените, беше цреша на шлагот на фестивалот кој заслужува да биде моќен, полн со таленти и претстави со кои ќе се гордееме и во регионот, а за тоа сведочи, за прв пат, годинава, жирито составено од театарската елита од Белград, Нови Сад и Подгорица- Јанко Љумовиќ ( театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора), претседател, Милош Латиновиќ (директор на театарот и фестивалот „Битеф“ ) и Мирослав Мики Радоњиќ (актуелен директор на „Стеријино позорје“), членови.

Членовите на меѓународното жири со истакнатиот македонски театралог Јелена Лужина

„Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов е билансов на годинешниов фестивал. Се надевам дека ви беше на сите убаво и дека се почувствувавте добредојдени. Ќе ми простите за сите ненамерни грешки имајте ја предвид големата слика, а тоа е успешен фестивал. Се надевам дека ќе имате разбирање дека оваа работа ја учам и дека од срце сакам, навистина, Прилеп да е град театар! Како што еднаш рече еден од најзначајните театарски уметници кој не е повеќе меѓу нас: „Јас сум со своите избори во мир, мирно спие волкот во себе”. Мене ми е важно да го славиме театарот и пред сè,  нашата заедничка креативна работа. Ние не застануваме тука, моја цел е фестивалот да живее секој ден, секоја недела, секој месец, цела година!, рече  Стојаноска, синоќа на доделувањето на наградите на 57. издание во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Радосни, емотивни и благодарни беа сите наградени театарски уметници кои дојдоа во Прилеп по своите признанија. Најбурни аплаузи и овации од публиката во салата доби актерот Дамјан Цветановски, кој ја доби наградата за машка улога за ликот на Кристофер во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар.

Цветановски им се заблагодари на фестивалот, на жири комисијата, на неговата матична куќа.

-Им благодарам на целиот тим на Драмски театар што сакавме да направиме нешто значајно и мислам дека во некој дел од тоа успеавме. И благодарам на режисерката Зоја Бузалковска што ми ја даде оваа одговорност и имаше храброст да ми ја укаже оваа прилика и да не се плаши за тоа што ќе направиме заедно. Да се заблагодарам на мајка ми, брат ми и на крајот да му се заблагодарам на човекот кому ја посветувам оваа награда – Владе Цветановски – Каначката, човекот што ме вдахнови со оваа љубов што ја имам за театарот, само со љубов беше направено ова што го наградивте. Татка, џам свиткавме! – рече Цветановски.

Наградата за најдобро остварување на фестивалот ја доби Народниот театар од Битола за „My Name is Medeja“ во режија на Себастијан Хорват. Наградата ја прими Иван Јерчиќ, актер и директор на театарот.

-Ви благодарам за сите. Во Битола многу сакаме награди, се трудиме и работиме многу. Благодарам на жирито, кое беше составено од вистински театарски „тешкаши“ во вистинска смисла на зборот кое ја препозна идејата дека ние сакаме да работиме современ театар што ќе кореспондира со денешницата, ќе биде свеж, ќе поставува прашања – рече Јерчиќ.

За истата претстава, актерката Илина Чоревска ја доби наградата за најдобра женска улога за ликот на Медеја.

-Медеја го има само насловот и сите референци што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сум што ја добив наградата која доаѓа во мој тежок животен период – рече Чоревска. (Л.С.)