ДУИ: Зошто владата ја крие вистината за врските на агенцијата „Рубикон“?

Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара целосна транспарентност од владата и Министерството за внатрешни работи во врска со активностите и одговорноста на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ во трагичната ноќ во Кочани. Оваа агенција, блиска до владејачката партија, била одговорна за безбедноста на кабарето во Кочани во ноќта кога се случи трагедијата што одзеде 59 невини животи.
-Владата има обврска да му даде на јавноста јасни одговори:
• Кои се другите клиенти на „Рубикон“?
• Дали имале регуларни безбедносни договори и лиценцирани обезбедувачи?
• Дали МВР некогаш извршило инспекција или контрола врз оваа агенција?
• Дали оваа компанија се штити поради нејзините врски со власта?
• Дали е вистина дека агенцијата уценува компании да ја ангажираат, повикувајќи се на нејзината блиска поврзаност со високи партиски авторитети?
Наместо да ја користи правдата за да ги напаѓа политичките противници, владата треба да преземе одговорност за своите неуспеси и за оние кои навистина се одговорни за оваа трагедија.ДУИ бара целосна, непристрасна и праведна истрага за овој случај, како и одговорност од сите кои дозволиле да се случи ваква ситуација, стои во писмената реакција на ДУИ.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски пред новинарите неодамна изјави дека ако се најде поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некоја агенција за обезбедување, тој ќе си поднесе оставка. Уште истиот ден опозицијата објави фотографии на сопственикот на „Рубикон“ со Мицкоски и со други кадри на ВМРО-ДПМНЕ и, уште повеќе, очигледно е дека учествува во партиски активности.