ДУИ загрижена за даночните политики на Владата, вели дека се неправедни и репресивни


 Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради неправедните и репресивни даночни политики на актуелната влада, кои директно ги погодуваат граѓаните, особено оние кои работеле надвор од државата во тешки и ризични услови, се вели во соопштението од ДУИ. 

Во соопштението до медиумите се вели дека протестите пред Управата за јавни приходи се јасен доказ за институционален неуспех и за слепа даночна политика, која преку ретроактивни даноци им наметнува неправеден финансиски товар на граѓаните што со години ја обезбедувале егзистенцијата на своите семејства и придонесувале за економијата на државата.

„Неприфатливо е граѓани кои работеле во меѓународни мисии во Ирак, Авганистан, како и во други земји, често ризикувајќи го сопствениот живот, денес да се третираат како средство за полнење на државната каса. Уште поскандалозно е непризнавањето на статусот на нерезидентен даночен обврзник, и покрај јасните законски докази и фактот дека мнозинството од нив престојувале повеќе од 183 дена надвор од државата“, посочуваат од ДУИ.

ДУИ смета дека Владата, преку Управата за јавни приходи, создава правна несигурност, го игнорира законот и го претвора оданочувањето во средство за казнување. Граѓаните не се против даноците, туку против ограбувањето, неправедните и ретроактивните одлуки што го нарушуваат нивното достоинство и економска сигурност.

Демократската унија за интеграција бара: итно укинување на даночните решенија со ретроактивно дејство; целосно признавање на документацијата за статусот на нерезидент и
транспарентност и институционална јасност.

„Владата мора да престане да применува политики што ги ограбуваат граѓаните и да сфати дека државата не се гради со казнување на оние што жртвувале“, се вели во соопштенито на ДУИ.