ДУИ вознемирена, Пендаровски мртов ладен
Со назначувањето на Еролд Муслиу за нов директор на Агенција за разузнавање, шефот на државата Стево Пендаровски чепна во незаздравена рана на ДУИ, која застана зад неговата кандидатура. Ваквото кадровско решение за прв човек на безбедносно разузнавачката служба, која е во надлежност на претседателот, беше обелоденето само два дена откако лидерот на интегративците Али Ахмети му беше на гости на Пендаровски во резиденцијата на Водно. Насмевките за кратко се заменија со грч на лицето.
ДУИ, која цела деценија не го признаваше Ѓорге Иванов за легитимен претседател, ја имаше впрегнато сета партиска инфраструктура (барем така се фалеа највисоките партиски функционери) со цел Пендаровски да биде петтиот претседател на државата – промовирајќи го притоа како консензуален кандидат заедно со партнерот во владата СДСМ и уште десетици други партии. Во Мала Речица сега-засега решија да го одберат зборот „вознемиреност“ обидувајќи се на тој начин да ги опишат чувствата од потегот на Пендаровски. Сметаат дека, сепак, нема зла намера од Пендаровски и бараат преиспитување на одлуката.
– Вчерашната одлука на претседателот Пендаровски за назначување на директорот на Агенцијата нè вознемири сите и стави сенка на вчерашниот ден кога Собранието ја донесе реформата на безбедносните служби. Нашите информации се дека одлуката се базира на недоволни информации и не е злонамерна. Ставот на ДУИ е дека, додека не се расветлат до крај кумановските настани, ниту еден човек кој бил дел од службите на Иванов не треба да биде на чело на такви сензитивни институции. Очекуваме дека претседателот ќе собере повеќе информации кои ќе рефлектираат по однос на неговата одлука – рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Нејасно е засега дали оваа прилично мека реторика ќе биде заострена во наредниот период, со оглед на тоа што од кабинетот на шефот на државата се слушаат тонови кои не навестуваат корекција за да се задоволат апетитите на ДУИ. Пендаровски цврсто застана зад Муслиу, кој според него е врвен професионалец.
Познавачите на политичките состојби уште за време на претседателската кампања, особено по првиот круг на изборите кои не ги донесоа очекуваните резултати за владејачкиот кандидат, рекоа дека поддршка на ДУИ за Пендаровски не е и не може да биде искрена. Таа, според нив, била исклучиво мотивирана од тоа каде ќе се најдат кадрите на ДУИ во наредниот период. Во оваа битка за тронот на Агенцијата за разузнавање, наводно, прв пик на ДУИ бил Ариф Асани, актуелен заменик-директор на УБК. Во политичките кругови се шпекулираше и дека Муслиу е близок со потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири. Тој вчера се огласи во јавноста порачувајќи дека според ДУИ само полтрони може да се поставуваат на функции…“
„Бујар е вознемирен, а Артан кажа дека биле координирани со претседателот Пендаровски… Не бе луѓе, треба да сфатите дека има луѓе со кредибилитет и професионалци, кои некој знае да ги цени. Секоја чест и честитки за тимот на претседателот Стево Пендаровски“, стои во неговата објава на Фејсбук.
Пендаровски, кој беше советник во кабинетите на двајца претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, е добро запознаен со работата на долгогодишниот разузнавач Муслиу, кој веднаш по дипломирањето во 1994 година (како еден од најуспешните студенти на Факултет за безбедност во Скопје) е вработен во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање. Во Агенцијата за разузнавање преминува при самото нејзино основање во 1998 година и работи во неа на различни позиции до ден денешен. Муслиу, кој досега беше помошник-директор во АР, не е од вчера трн во окото на ДУИ.
Муслиу, кој доаѓа како непартиски кадар на местото на Зоран Иванов бил споменуван и во 2011 година како потенцијален кандидат за директор, кога претседател беше Ѓорге Иванов, но тогаш интегративците силно реагираа оценувајќи го како несоодветен кадар. (Н.К.)
Еролд Муслиу – цел живот разузнавач
Еролд Муслиу е роден 1969 година во Кичево. Дипломирал криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје. Од 1993 до 1998 година работи во МВР, во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (денешна УБК) каде што бил ангажиран на теренски активности од областа на контраразузнавањето како самостоен инспектор.
Со почнување со работа на Агенцијата за разузнавање во 1998 година, Муслиу преминува во Агенцијата и работи на теренски активности од областа на разузнавање на меѓународниот тероризам како виш и главен инспектор. Од 2000 до 2007 година работи во рамки на Дирекцијата за оперативни работи на АР, ангажиран на теренски активности како помошник на директорот на Дирекцијата.
Од 2007 во рамки на АР, тој раководи со Дирекцијата за разузнавање на меѓународниот тероризам и организиран криминал, по што во 2012 година е прераспореден на позицијата советник на директорот на АР за меѓународна оперативна соработка. Од 2015 до денес Муслиу работи како помошник на-директорот на АР задолжен за координација на оперативните работи на Агенцијата.
За време на неговата работа во Агенцијата, Муслиу раководел со меѓународната оперативна соработка со партнерски служби во рамки на која активно учествувал и раководел со разузнавачки операции од регионален и меѓународен карактер.
Оженет е и татко на три ќерки.
Пендаровски: Муслиу беше најдоброто решение
Претседателот Стево Пендаровски ја донесе одлуката за именување на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање бидејќи анализите покажале дека тој е врвен професионалец, а неговото именување е позитивно оценето од партнерските служби, велат од кабинетот на шефот на државата по искажаните забелешки од ДУИ за неговото назначување.
„Претседателот Пендаровски, веднаш по стапувањето на функцијата, темелно разгледа повеќе предлози како можни решенија за позицијата директор на Агенцијата за разузнавање. По споредбените анализи на професионалните капацитети на сите кандидати, името на Еролд Муслиу се издвои како решение за извршување на оваа одговорна функција. Станува збор за врвен професионалец кој својата кариера ја градел во земјава и имал беспрекорна соработка со службите од сите сојузнички држави. За именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање беа известени и партнерските служби од земјите членки на НАТО. Именувањето на Муслиу е позитивно оценето од службите на сојузничките земји“, посочуваат од кабинетот на претседателот.
Муслиу: Именуван сум од Пендаровски зад кого застана и ДУИ
Новиот директор Еролд Муслиу не сакаше да ги коментира забелешките од ДУИ за неговото назначување. Според него, треба да се почека одлуката да излезе во „Службен весник“ и неговата директорска функција да се официјализира.
„Не можам да дадам изјава сè додека не видам дека одлуката за мое именување, директор на Агенцијата за разузнавање е излезена во ‘Службен весник’. Нема проблем, од понеделник ви стојам на располагање“, изјави Муслиу.
Прашан за коментар околу изјавите на ДУИ, Муслиу одговори дека не знае кој е нивниот став, но она што го знае е дека тие се заедно во влада со СДСМ, односно заеднички го поддржале претседателот Стево Пендаровски.
Заев: Не се мешам во надлежностите на претседателот
Премиерот Зоран Заев смета дека поставувањето на Еролд Муслиу за нов директор на Агенцијата за разузнавање е надлежност и право на претседателот на државата.
„Претседателот знае понекогаш да нè консултира за одредени прашања. Тоа се негови надлежности и секако е негово право. Верувам дека консултациите ќе продолжат, за ова и за други прашања. Претседателот на државата ќе одговори, јас немам амбиции да се мешам во тој дел, знаете дека сум прилично внимателен. Тоа е негова надлежност, но верувам дека транспарентноста и правото на коментирање за одредени случаи од сите политички партии е добредојдено“, рече Заев.