ДУИ смета дека се спроведува деалбанизација во државата
ДУИ реагира на одлуката на Уставниот суд да го преиспита вработувањето во јавната администрација со т.н. балансер оценувајќи дека власта спроведува деалбанизација на државата.
„Јавните предупредувања за деалбанизација на државата, сега во пракса ги реализира оваа моноетничка власт во која се и губитниците на изборите или нарушувачите на албанскиот легитимитет. ‘Вреди’ ги затвора очите и дозволува уништување на најважните достигнувања на Албанците последните две децении по ред, од војната во 2001 година.
Демократската инија за интеграција ја изразува својата загриженост во врска со последната одлука на Уставниот суд да започне постапка за оцена на уставноста на одредбите кои се однесуваат на ‘етничката припадност’ во контекст на вработувањето во јавниот сектор. Оценуваме дека оваа одлука директно ги прекршува клучните одредби од нашиот Устав и ги загрозува темелите на нашето мултиетничко општество изградено со големи тешкотии. Со оваа одлука се нарушува правичната застапеност на Албанците во државните институции, односно нема повеќе вработување за Албанците. Поради тоа, ДУИ апелира за итно преиспитување на оваа одлука, со цел да се заштити интегритетот на уставниот поредок и да се обезбеди принципот на правична и соодветна застапеност да остане ефективен и применлив во пракса.
Ги уверуваме нашите сограѓани дека ќе останеме будни во заштитата на овој клучен уставен принцип. Само така можеме да обезбедиме безбедна, правична и еднаква иднина за сите граѓани на Република Северна Македонија“, порачуваат од ДУИ.
Од „Вреди“ возвратија дека замрзнувањето на „балансерот“ нема да спречува вработување на Албанците во органите на државна управа и во овој период на правен вакум, бидејќи тоа е еден од принципите на Охридскиот договор и уставна категорија.
„Делуваат крајно несериозно најавите на Зијадин Села дека тие ќе предложат Закон за правична застапеност. Да ги биваше ќе го решеа ова прашање кога беа власт… Уставниот суд, чиј актуелен состав е изгласан токму со гласовите и влијанието на ДУИ, ја замрзна употребата на балансеро“, што претставува уште еден програмски и кадровски пораз на политиките на ДУИ. Овој факт не може да се сокрие со изговор дека во Уставниот суд треба да се воведе Бадинтерово мнозинство. Коалицијата ‘Вреди’ јасно соопшти дека балансерот е неефикасен концепт, бидејќи стана алатка за злоупотреби кога почнаа Македонци да се изјаснуваат како Албанци за да се вработат во јавната адинистрација. Затоа, ние изработуваме Закон за правична застапеност, кој на увид на експертската јавност ќе го ставиме користејќи јавни расправи со цел да добиеме ефикасно и одржливо решение кое целосно ќе биде спроведливо во пракса и ќе им овозможи на Албанците да се вработуваат во државните институции врз основа на професионални вештини, а не заради партиска припадност“, велат од „Вреди“.