ДУИ: Премиерот го зароби правосудството, бараме интервенција од Брисел

Премиерот целосно го зароби правосудниот систем, обвинителството и судството, порача денес ДУИ, повикувајќи го брисел итно да интервенира во државата.
-Премиерот ја диктира динамиката на процесите, јавно ги определува осомничените и виновните уште во првата фаза, дури и пред обвинителството да започне истрага. Тој на јавна сцена демонстрира незаконска политичка моќ да го контролира процесот на разрешување и запирање на разрешувањето на јавниот обвинител, не штедејќи притоа и закани за уличен јавен линч.
Истражувањето на трагедијата во Кочани претставува најгротескен пример на селективна правда што некогаш се случил во земјава. Овој процес се претвори во карикатура на правна истрага, каде што сите се виновни, освен ако се од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа сериозна состојба бара активирање на сите механизми за да се спречи целосното пропаѓање на правната логика, што ќе има непоправливи последици врз политичкиот развој на општеството и неговата усогласеност со принципите и вредностите на Европската Унија.
Република Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија, и затоа ќе ја повикаме Европската комисија преку тим експерти одблизу да ја следат оваа фарса од истрага, каде што Власта обвинува сѐ околу себе за да ги заштити оние кои биле одговорни да ја спречат оваа трагедија.
Само како пример: во група на верижни виновници веригата чудно не го опфаќа и министерот за внатрешни работи, кој 13 месеци пред трагедијата бил запознаен со постоењето на нелегален ноќен клуб што ги прекршувал сите можни безбедносни стандарди, како и Државниот инспекторат и Управата за јавни приходи, кои не презеле никакви мерки. Напротив, токму одговорниот министер го гледаме како секојдневно ни ги преставува сите други виновници кои треба да го ослободат дури и од моралната политичка одговорност.
Ја повикуваме Европската комисија итно да испрати правни експерти и директно да се вклучи со засилен мониторинг на овој случај. Со својата експертиза и сознанија, потоа да ѝ помогне на собраниската комисија која веднаш треба да биде воспоставена под меѓународен надзор. Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права се основните правила и принципи на Европската Унија и тие мора да бидат заштитени и во Република Северна Македонија, порачуваат од ДУИ.
Место ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од ДУИ одговори ВЛЕН.Според нив, по 22 години владеење и уништување на правосудниот систем, ДУИ глуми жртва, барајќи истрага само за трагедијата во Кочани.
– Кој го создаде овој расипан систем? Кој ги штитеше криминалците? Кој ги претвори судовите и обвинителството во приватни партиски канцеларии? ВЛЕН нема да дозволи вистината да се манипулира! Бараме анкетна комисија за сите трагедии од изминатите години – од Ласкарци, модуларната болница, Беса Транс, па сè до Кочани. Нема да дозволиме ДУИ да одлучува кои жртви заслужуваат правда, а кои треба да се заборават!
Доста со манипулации! Граѓаните знаат кој го создаде овој корумпиран систем и кој со години ја покриваше неправдата. ВЛЕН ќе продолжи да се бори за вистинска правда, а не за политички фарси на партија што веќе е минато, возвратија од ВЛЕН.