ДУИ: Меџити јавно кажа дека Владата може да интервенира во судските одлуки


ДУИ оценува дека вицепремиерот од ВЛЕН, Изет Меџити јавно признал дека Владата може да интервенира во одлуките на судовите и на обвинителствата.

„Изјавите дадени вчера од Изет Меџити, еден од раководителите на една мала партија во рамки на владината коалиција, се шокантни и длабоко вознемирувачки за секој граѓанин кој верува во правната држава.Во телевизиско гостување на едно од провладините медиуми, Меџити изјави дека ‘ако Таравари одлучи да соработува со ДУИ, тогаш Владата ќе ѝ направи услуги на ДУИ за ослободување на обвинети за корупција’. Ова не е лапсус. Ова е јавно признание дека правосудниот систем во државата е заробен, и дека Владата може да интервенира во одлуките на обвинителството и судството“, соопшти ДУИ.

Според нив, со оваа изјава тој потврдил дека правдата не функционира независно, туку се води според нарачки и интереси на неговиот политички шеф – Христијан Мицкоски.

„Во една нормална држава, ваква изјава ќе предизвикаше итна институционална истрага и силна реакција од меѓународната заедница. Затоа што ова е дефиниција за заробена држава – кога Владата одлучува кој ќе биде обвинет, а кој ќе биде ослободен од корупција.Можеби токму затоа, најголемиот урбан корупциски случај во Чаир, иако јавно документиран и пријавен, сè уште чека правна разрешница во фиоките на Обвинителството.Затоа што Владата прави ‘услуги’, ги заштитува избраниците и ја блокира правдата.

Ова не е правда – ова е компромитирање на правдата.

Ова не е владеење – ова е институционална манипулација.

Ова не е пат кон Европа – ова е опасно отстапување од европските стандарди.

Упатуваме јасен повик до Европската Унија, САД и сите релевантни меѓународни организации: не е доволно веќе само соопштенија и дипломатски фрази – потребна е конкретна реакција.Затоа што денес, пред очите на јавноста, самите владејачки партнери признаваат дека Владата ја контролира правдата. Државата не може да гради европска иднина врз основа на партиски диктирана правда.

А ние, како глас на граѓаните, нема да молчиме пред оваа опасна фарса. Ќе продолжиме да се бориме – за независно судство, за одговорни институции и за држава која им служи на граѓаните, а не на партиските шефови“, се наведува во соопштението на ДУИ.