ДУИ ја паузираат кампањата поради нападот на нивниот кандидат во Липково

ДУИ ги стопира сите денешни активности по вооружениот напад врз нивниот кандидат во Липково. Од партијата велат дека одлуката е знак на солидарност и протест, сè додека институциите не преземат конкретни мерки за враќање на довербата и безбедноста. Тие упатија и апел до поддржувачите да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
Кандидатот и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини, беше ранет од маскирани лица. Напаѓачите отвориле оган врз него, при што тој добил прострелни рани на рацете и нозете, но неговиот живот, според информациите, е надвор од опасност.
Од Демократската унија за интеграција соопштија дека се „длабоко загрижени“ поради нападот врз нивниот кандидат. Партијата остро го осудува, како што наведува, „варварскиот чин на насилство“ и бара од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство итна и транспарентна реакција.
„Очекуваме сторителите да бидат идентификувани, уапсени и изведени пред лицето на правдата“, додаваат од ДУИ.
Во соопштението, партијата упатува и апел до своите поддржувачи, симпатизери и граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
„Нашето движење отсекогаш се карактеризирало со разумност. Во солидарност со повреденото лице и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, одлучивме да ги прекинеме денешните активности, сè додека институциите не преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на терен“, наведуваат од партијата.
Од Основното јавно обвинителство информираа дека на случајот работат двајца обвинители, кои прибираат траги и материјални докази што ќе бидат предмет на вештачење. По напаѓачот се трага. Според првичните сознанија, не се работи за политички мотиви, но, како што додаваат од ОЈО, сите околности сè уште се проверуваат.