ДУИ го осуди ветото на Силјановска за двојазичните лиценци од областа на детската заштита


Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова не ги потпишала измените на Законот за заштита на децата. Овој потег денеска го поздравија од СДСМ и побараа власта целосно да се откаже од измените на спорниот закон, каде со член 9 и 10 се воведуваат двојазични лиценци од областа на детската заштита.

Ова е прво вето на претседаателката која побара одредбите што се предлагаат – да се преиспитаат.

„Одребите од Законот за заштита на деца кои се однесуваат на воведувањето на двојазичните лиценци се спорни и истите треба да се пресипитаат низ призма на амандамнот 5 од Уставот и актуелната регулатива за употреба на јазиците. Потсетувам дека начинот на употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон. Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите и ќе креира јасни, прецизни и недосмислени решенија во согласност со Уставот”, стои во образложението доставено до Парламентот од претседателката.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро ја осуди, како што порачаа, „скандалозната одлука на претседателката Гордана Силјановска-Давкова за ставање вето на двојазичноста“. Според ДУИ, ова е отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија.

„Ова не е изолиран чин, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на ВЛЕН, Африм Гаши, јавно настапи со изјава со цел да го подготви јавното мислење против албанскиот јазик и да создаде алиби за овој чекор, а веднаш потоа, разгорениот антиалбански национализам се активираше за да негира и напаѓа сè што е албанско. Ова е агресија против Албанците, во која ВЛЕН свесно ја презема улогата на соработник. Ова не е само удар врз јазикот – ова е обид за враќање на Албанците назад, за демонтирање на сите тешко стекнати права. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на ВЛЕН, покажува дека нема никаков интерес за соживот, туку следи реваншистичка, антиалбанска и опасна агенда. ДУИ има јасна порака: Албанскиот јазик не е монета за политичко поткусурување! Тој е уставно загарантирано право, а не инструмент кој оваа влада може да го користи по сопствена волја“, пишува во партиското соопштение од ДУИ.

Во соопштението ДУИ повикува и на „мобилизација“.

„Им упатуваме повик на сите Албанци, сите граѓсни кои веруваат во соживотот, граѓанското општество и сите демократски сили во земјата да се мобилизираат и да не дозволат оваа срамна стратегија да се реализира. ДУИ нема да седи со скрстени раце! Ќе ги искористиме сите политички и правни механизми за да го спречиме ова антиалбанско лудило. Претседателката и оваа влада треба да знаат едно: Албанците нема да дозволат да бидат избришани! Нашиот јазик е нашето достоинство, нашиот идентитет и нашата иднина – и ќе го браниме по секоја цена“, наведуваат во соопштението од ДУИ.