Ковачевски му понуди на Мицкоски пет министри за уставни измени

Дали по оваа средба се отвора патот сите да добијат по нешто за да се откочи патот за уставните измени? Нешто, сепак, се придвижува


Фото: Б. Грданоски

 

ДУИ ќе се откаже од власт и од технички премиер пред избори, Мицкоски ќе добие пет министерски места, а СДСМ ќе добие 80 гласа – за да поминат уставните измени. 

Ова накратко е понудата, па и можниот епилог од денешната средба на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, на која ѝ претходела консултација со ДУИ и согласност околу понудите. Иако немаше јасен заклучок дека договор е направен, контурите од него веќе се гледаат, без оглед што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврди дека опстојува на ставот што го изнел пред една година – дека нема да прифати уставни измени под бугарски диктат, под бугарски услови и со оваа преговарачка рамка.

Според оценката на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата по разговорите, Мицкоски на средбата дошол со различен став од тој што триесетина минути претходно го кажаа од партијата по седницата на нејзиниот Извршен комитет и, иако не се согласи со забелешките дека омекнал, практично рече дека порачал оти ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени.  Уште повеќе, рече Ковачевски, средбата била продуктивна и дијалогот ќе продолжи, но не нужно во форма како денеска.

Накратко, Ковачевски за да покаже, како што рече, дека не се бори за власт туку за евроинтеграција, му предложол на Мицкоски заеднички да ги изгласаат уставните измени  и веднаш по последното гласање да одат на предвремени избори. Бидејќи „сфатил дека Мицкоски сака да биде дел од власта“, му предложил и неколку дополнителни чекори – прво да се изгласа потребата од уставни измени, потоа ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, а СДСМ да му ослободи половина од позициите што ги има, заедно да го спроведат процесот на уставни измени, скринингот, почетокот на преговорите, па и да затворат едно поглавје од првиот кластер, а потоа таа влада да ги организира изборите.

„За да се обезбедиме кога ќе се направат уставните измени“, дополни Ковачевски, „понудивме тие да важат од  денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција со ЕУ, иако тоа е веќе обезбедено во преговарачката рамка“. Сѐ друго, рече тој,  е надвор од неа и не може да се преговара одново, нарекувајќи го манипулација тврдењето дека за 3-4 години може да се добијат подобри услови за преговори со Унијата.

Фото: Б.Грданоски

 

Контрапредлогот на Мицкоски бил таа влада на широка коалиција да биде без ДУИ, уставните измени да важат откако ќе се ратификува договорот за прием на Македонија во членство, избори да има есенва, а тој презема обврска да разговара со неколку премиери нивните земји да излезат со декларации за признавање на македонскиот идентитет, култура и  јазик и со тој документ да дојдат и да им покажат на македонските граѓани дека имаат чиста визија за нашето членство.

Исто така Мицкоски го повторил барањето изнесено одамна ЕУ да ни даде пакет со економска помош, а бидејќи добрососедските односи се двострана улица,  од 14-те пресуди во интерес на нашето малцинство во Бугарија Софија да исполни барем три и да покаже дека и кај неа дуваат нови ветришта.

Дека овие идеи, па и преговори меѓу двете партии не се од денес и нешто ново потврди индиректно премиерот Ковачевски кој најави дека наскоро една од најголемите земји членки на ЕУ ќе излезе со декларација од нејзиниот парламент за признавање на македонскиот идентитет, јазик и култура, а јавноста неодамна слушна како на самитот на Советот на Европа, во присуство на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, тој гласно го отвори прашањето за пресудите од Стразбур.   

„Јас реков дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ  и со останатите политички партии, но без ДУИ“, порача децидно Мицкоски по што еден од новинарите го потпраша директно – нели со тоа признава дека практично прифатил уставни измени? Според Мицкоски, Ковачевски не го прифатил тоа и останатите барања, но ДУИ експресно излезе со соопштение во кое порача дека се подготвени да поддржат влада без ДУИ до избори – „доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада“, порачувајќи „европска иднина пред сѐ“.

Сѐ што се кажа пред тоа и потоа од лидерите беше реторика наспроти оваа фактографија, која сугерира дека има договор за широка влада, има договор за излегување ДУИ од неа, има договор за декларациите за идентитетот, има договор за пресудите од Стразбур, има договор кој да ги подготви изборите и кога, да нема „прв премиер на ДУИ“, а остана можеби нерешен тајмингот за гаранциите – пред втората меѓувладина конференција или пред членството.

Реторички, Мицкоски порача дека добро што се случила средбата бидејќи досега немало никаква комуникација меѓу двете партии.  Тоа што Ковачевски го нарече промена на ставот, тој го нарече реафирмирање, тврдејќи дека и по една година е ист, односно дека нема да гласа уставни измени под бугарски диктат и под бугарски услови. Неговиот заклучок беше дека од средбата јасно произлегло дека во овој момент власта нема 80 пратеници за да ги изгласа – само со предвремени избори што тој ги сака наесен.

Наш став беше дека нема проблем Бугарите да влезат во Уставот, но уставните измени да важат откако ќе заврши ратификацијата на договорот за пристапување на Македонија во ЕУ“, рече Мицкоски.

На прашањето дали Ковачевски му го понудил премиерското место Мицкоски не даде потврден одговор, а премирот објасни дека не е можно некој да преземе обврска да спроведе нешто, па да го остави тоа на некој друг, практично негирајќи ја таа можност. Запрашан пак што ќе следи од утре и дали предлогот на Ковачевски е со цел да го обвинат дека ги блокирал уставните измени, Мицкоски рече дека не знае, но тоа што знае е дека огромен број од македонските граѓани не ги поддржуваат уставните измени. Самиот соопшти дека за неговиот предлог уставните измени да стапат во сила со приемот на ЕУ Ковачевски рекол дека е несериозен и надвор од преговарачката рамка одобрена од 27 земји членки. 

На прашањето што ако на следните избори победат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во албанскиот блок, дали ќе одбие со нив да прави влада, Мицкоски одговори дека неговиот став за ова прашање е јасен, како и за принципот на коалицирање победник со победник што, како што рече, не важи од 2017 година. Тој негираше дека кога и да е рекол дека партијата е под уцена да ги прифати уставните измени, туку само дека е под притисок, порачувајќи на крајот дека ќе остане на истите ставови за уставните измени ако има предвремени избори и ако победи на нив. Иако самиот бара гаранции за идентитетот, тој оцени дека и во 2008 година сме добивале такви гаранции, а пак сме морале да го смениме Уставот, но во принцип за него се добродојдени таквите декларации. 

Фото: Б.Грданоски

 

Ковачевски, пак, го нарече „господин Мицкоски“, со оценка дека му било драго што се сретнале  и дека ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа, не само на премиерско. Откако кажа дека Мицкоски дошол со различен став од тој на неговата партија претходно и дека е отворен за уставни измени, тој порача дека е добро што ова ќе биде одлука на целото општество. Откако ги презентираше предлозите, своите и на Мицкоски, тој рече дека одлуката што треба да се донесе е политички тешка и за неа треба што пошироко обединување, а не исклучување (на ДУИ). Тој повтори дека ние самите не смееме да ја блокираме иднината на нашите деца и дека и во 2008-та имало такви кои тврделе дека можеме да добие подобар предлог, па влеговме во НАТО со потежок. 

„Добро е што опозицијата се соочи со реалноста во однос на уставните измени“, рече Ковачевски оценувајќи дека овој дијалог треба да продолжи. За барањето помош од ЕУ тој рече дека секоја година таа изнесува барем сто милиони евра, а годинава сме добиле дополнителни 180 милиони евра и користење на инвестицискиот фонд за Западен Балкан, но најави дека на регионално ниво се бара од Брисел таа помош да се зголеми дополнително бидејќи сега земјите членки земаат 11 пати поголема помош од нас.

„Нам ни треба интеграција, а не изолација. Ни треба обединување, а не исклучување“, рече Ковачевски за условувањето на другите партии во власта, па посочи на сценаријата што може да следат ако ја пропуштиме оваа шанса во евроинтеграцијата мислејќи дека можеме да добиеме повеќе по неколку години. 

На прашањето зошто не дал ваква понуда како денес и во јули, кога се усвојуваше преговарачката рамка, Ковачевски рече дека се обидел и ги собрал политичките партии, но не сакале воопшто да го сослушаат и дека тогаш немало простор за такво нешто.

Подоцна, ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави подготвеноста на ДУИ да оди во опозиција и порача дека останува уште партијата да се согласи за одложена примена на измените сѐ до периодот на влез на Македонија во ЕУ, „откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет“.