ДУИ: Бурим Латифи од МЕПСО потрошил 15.000 евра за цвеќе


Демократската унија за интеграција денеска извести за неодговорното работење на Бурим Латифи кој како директор на МЕПСО реализирал тендери за хортикултурно уредување.

„Директорот на МЕПСО  Бурим Латифи, кадар на партијата на Изет Меџити и негов прв братучед,  наместо да го подготви електроенергетскиот сектор за престојната зима, реализира тендери за хортикулурно уредување, или народски кажано купува цвеќиња за сума од над 1.000.000 денари. Првата активност на новиот директор, братучед на џентлменот Меџити, уште пред да се запознае со неговите вработени, е да купи цвеќе. Ова е целосно недомаќинско работење на компанија чија главна задача и е енергетскиот сектор, а не купување на цвеќиња за 15.000 евра во време кога граѓаните не можат да ги плаќат сметките за електрична енергија. Замислете, наместо да им се помогне на граѓаните во делот на енергетската сиромаштија МЕПСО со Бурим Латифи плаќаат цвеќиња- калемени рози по 9.000 денари парче“, велат од ДУИ, кои ги повикуваат институциите да постапат веднаш.

Од МЕПСО експресно реагираа порачувајќи дека хортикултурно уредување е постапка која ја распишало и ја спровело претходното раководство на АД МЕПСО и дека нивна определба е да не се потроши ниту еден денар за овој целосно непотребен трошок.

„Потребата за ваква набавка е наведена во планот на јавни набавки за 2024 година, истата е објавена во месец мај, а одлуката за избор на најповолна понуда е донесена на крајот на јули од страна на менаџерскиот тим во заминување.Бидејќи постапката беше во финална фаза, а соочени со можноста од правни последици, АД МЕПСО ја потпиша истата.

Инаку станува збор за рамковна спогодба склучена за временски период од 12 месеци што значи дека не постои обврска за искористување на средствата. Како нов менаџерски тим цениме дека набавката за хортикултурно уредување не е неопходна и за истата нема да се доставуваат нарачки. До овој момент не постојат финансиски импликации по однос на оваа спогодба и уверуваме така ќе биде до истекот на спогодбата. Оттука цениме дека денешната прес-конференција е само блед обид на ДУИ преку напади на кадрите на Села, компанијата да ја вовлече во партиски препукувања“, истакнуваат од компанијата.