ДУИ барале ротирачки премиер и повеќе фотелји


Една од причините зошто не може да дојде до побрз договор помеѓу ДУИ и СДСМ за формирање на ново владеачко мнозинство е тоа што „интегративците“ бараат повеќе функционери во Владата и во другите извршни органи, со изговор дека по предвремените парламентарни избори сега имаат повеќе пратеници во однос на претходните од 2016-та.

„Во однос на прашањето за премиер Албанец, засега кружат само шпекулации од партиските кулоари. Според едни, ДУИ наводно инсистирала на моделот 3 години премиер од СДСМ, една од ДУИ, а наводно се разговарало и околу редоследот (кој прв да ја презеде премиерската палка). Според други, тоа барање било во сенка на разговорите за зголемена партиципација во власта на кадри од ДУИ, соодветно на изборните резултати“, велат информациите на кои се повикува Дојче веле.

Во албанските медиуми, пак, се врти информацијата дека Ахмети, кој водеше кампања за ветинг за функционерите, во преговорите со Заев барал имунитет за неговите, т.е. да не се чепкаат функционери и случаи поврзани со ДУИ. Исто така, се врти сѐ повеќе информацијата дека ДУИ го бара Министерството за внатрешни работи како ресор, иако во таа сфера се случија најголемите срамови на ДУИ, бидејќи го интересира само политизација на полицијата и заштита на проблематичните од неговите редови, за што „Мавровка“ е најсвеж случај. Неофицијално од СДСМ порачуваат дека предлогот за ротирачки премиер не е прифатлив за нив и немаат намера да се согласат со тоа, бидејќи ако го прифатат, на следните избори ќе доживеат дебакл.

Два дена пред да истече рокот за давање на мандатот на СДСМ, како партија која освоила најмногу гласови, очигледно е дека не се прави само влада туку има обид политички да се реструктуира Македонија, односно тоа што не се постигна со Охридскиот договор, сега да се издејствува со уцена.

Ако се прифати барањето за ротирачки премиер, плус Албанец, ќе се направи преседан кој тешко ќе се избегне и по следните избори и ќе стане некој вид формула на функционирање на власта. Тоа, пак, значи практично воведување на консензуална демократија, која сега ја има во БиХ која е поим за нефункционална држава. И ваква каква што е двонационална, без тој механизам Македонија, во голема мерка заостанува, бидејќи политиката е над економијата, а таквата политичка структура го штити криминалот во земјата.

Ако навистина стане правило ротирањето на највисоката функција тоа ќе нѐ одведе и во времето на СФРЈ, која се распадна кога дојде до таквото ротирачко претседателство, бидејќи тој што ќе ја води државата нема да ја има најголемата доверба кај граѓаните, туку ќе се најде таму по некоја формула. Тоа, пак, ќе има големи последици во функционирањето на институциите, а потврда е изминатиот период со техничката влада во која кадрите на ВМРО-ДПМНЕ неколку месеци си водеа партиска кампања и ги опструираа политиките на владејачката партија, па не се знаеше кој ја води и како државата. Па така, едни ќе влегуваат во нив, други ќе излегуваат и состојбата ќе стане политичка каша попара. (Н.В.)