Дуда и Стуб: Русија е закана број еден за регионот


 Претседателите на Полска и на Финска, Анджеј Дуда и Александар Стуб денеска во Варшава се согласија дека Русија претставува најголема опасност за нивните земји и безбедноста на целиот регион.

– Имаме историско искуство со Русија и ја гледаме Русија како безбедносна закана број еден во нашиот регион. Финска и Полска не се корисници, туку доставувачи на безбедноста во НАТО. Ние разбираме како да се подготвиме и работиме и на воен и на цивилен план. Затоа ние детално ја разгледуваме нашата одбрана, истакна Стуб.

Дуда и Стуб разговараа и за можни сценарија за мирно решение на конфликтот во Украина, но и за хибридни напади од Русија кои ги разоткриваат двете земји.

– Прво треба да разбереме што се случило, да ги провериме фактите и дури подоцна да ги координираме нашите активности со сојузниците, како Полска и да идентификуваме кој ги извршил тие напади, посочи Стуб.

Додека Дуда ја истакна важноста на центарот за борба против хибридните напади во Хелсинки.

– Од него добиваме анализи кои се многу важни за Полска. Го убедив финскиот претседател дека вооружените сили на Финска што е можно повеќе да учествуваат во воените вежби на територијата на Полска. Мислам на вежбите Змеј и Анаконда. Сакаме да ја зајакнеме интероперабилноста на нашите вооружени сили, наведе Дуда.

Стуб и Дуда се согласија дека двете земји се соочуваат со исти проблеми, а дека најголемиот од овие проблеми е војната во Украина.

– Имаме заеднички проблеми и се обидуваме да одговориме на нив. Најголем проблем е војната во Украина, руската агресија, посочи Дуда.