Државните ревизори без забелешки за Развојна банка, судските спорови може да влијаат на финансиските извештаи

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, при што изрази мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Од ДЗР посочуваат дека финансиските извештаи предмет на ревизијата се одговорност на
раководството на Развојна банка застапувано од Кире Наумов – главен извршен директор од 26.11.2019 година и Фарук Исмаили – главен оперативен директор од 20.12.2019 година.
Во делот на нагласување на прашања за неизвесност и континуитет од ДЗР сепак, укажуваат на отпочнати судски спорови, чие решавање зависи од идни настани, кои можат да влијаат врз финансиските извештаи.
Како што се наведува во ревизорскиот извештај, Развојна банка е тужена странка во судски предмети по следниве основи: два предмета по основ на долг за неисплатени полиси за краткорочно осигурување на побарувања, во вкупна вредност од 36 милиони денари и еден предмет по основ на надомест на штета, неосновано раскинување договор, надомест на штета и стекнато без основ, во вкупна вредност од 686 илјади денари.
Развојна банка се јавува како тужител во судски предмети по следниве основи: два предмета за надомест на штета и наплата на долг, во вкупна вредност од 4,9 милиони денари и три предмети за утврдување на разлачно право, во вкупна вредност од 40 милиони денари.
„Обрнуваме внимание дека отпочнатите судски спорови, чие решавање зависи од идни настани, можат да влијаат врз финансиските извештаи“, се вели во извештајот на ДЗР.