Државата во јуни ќе издаде граѓанска обврзница, со каматата ќе им конкурира на банките

Преку овој инструмент државата планира во Буџетот за 2023 година да инкасира 50 милиони евра. Обврзницата ќе биде со рочност од две години, а нејзиниот минимален износ ќе биде 10.000 денари


Педесет милиони евра дополнителни приходи во Буџетот планира да собере Министерството за финансии од новиот инструмент – народна или граѓанска обврзница, што ќе биде издадена во јуни. Граѓаните за прв пат ќе може директно да инвестираат во вакви државни хартии од вредност и за тоа да добијат камата која што ќе биде повисока од она во банките. Средствата од обврзницата, како што посочи денес министерот за финансии Фатмир Бесими на средба со новинарите, ќе бидат наменети за финансирање на развојни проекти и на пазарот на капитал.

Тој појасни дека граѓанската обврзница ќе биде со рочност од две години, а нејзиниот минимален износ ќе биде 10.000 денари. Граѓаните ќе можат и пред истекот на рокот да тргуваат со неа на Македонската берза доколку им се потребни парите. Преку овој инструмент државата планира во Буџетот за 2023 година да инкасира 50 милиони евра.

Како што најави Бесими на денешната средба со новинарите, се уште не е дефинирана каматата за обврзницата, но таа ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките, а пониска од каматата доколку државата се задолжи во странство. Овој инструмент, како што кажа, секоја година ќе биде присутен на пазарот.

Фото: Б. Грданоски

„Ова ќе биде вин-вин состојба за сите. Целта на издавањето на граѓанската обврзница не е ликвидност на Буџетот. Издавањето на оваа обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст, а граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023 година, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг“, рече Бесими.

Тој додаде дека подготовките за издавањето на граѓанската обврзница се одвиваат две години и дека сега се исполнети и поволни предусловите за нејзиното издавање, а придобивки ќе имаат и државата, и граѓаните, и економијата.

„Граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите пари и да ја заштитат нивната вредност. Државата на тој начин ќе обезбеди финансирање по пониски стапки од она што е на меѓународните пазари, а средствата ќе бидат искористени за развојни проекти, што ќе има позитивно влијание и врз економијата“, потенцира Бесими.

Идејата, додаде, е граѓаните да станат свесни за значењето на инвестирањето, бидејќи, како што кажа, парите што не се инвестираат во услови на инфлација ја губат вредноста. Не очекува граѓанската обврзница да има негативно влијание врз депозитите што се чуваат во банките зашто, како што рече, граѓаните ќе имаат поголема корист ако ја инвестираат готовината што ја чуваат дома во државни обврзници, а депозитите да ги остават во банките.

„Со граѓанската обврзница нудиме дополнителен финансиски инструмент, кој е дел од Стратегијата за развој на пазарот на капитал. Покрај граѓанската предвидени се и развојни, зелени и проектни обврзници. Сите се насочени кон обезбедување инвестиции за развојни проекти и повисоки стапки на економски раст“, нагласи Бесими.

Инаку, овој вид на хартии од вредност неодамна беше најавен на „Денови на македонскиот пазар на капитал“ во организација на Македонска берза и Загрепска берза, при што пред хрватски инвеститори беше посочен и успешниот пример на Хрватска со ваков инструмент, која успеа на овој начин да прибере над милијарда евра. Таму минималниот депозит за граѓаните беше 500 евра, минималната каматна стапка е 3,25 отсто годишно, а рокот на достасување на обврзницата е 2025 година.

Со оглед дека каматните стапки за 12 месечните краткорочни хартии од вредност е 4 отсто годишно, а за оние на 15 години е 5,9 отсто, се препроставува дека и каматата за граѓанките овбврзниц ќе биде меѓу овие две вредности.

Македонија во почетокот на март се задолжи на меѓународниот финансиски пазар со издавање на еврообврзница, деветта по ред до сега, во износ од 500 милиони евра со купонска каматна стапка од 6,96 отсто. Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто. Рокот на отплата е четири години.

 

На истата тема: 

 

Државата ќе се задолжува кај граѓаните, наскоро ќе издаде народни обврзници

Народните обврзници се добар тест за пазарот, верувам дека ќе има интерес, вели директорката на Загрепска берза