Државата ќе се задолжува кај граѓаните, наскоро ќе издаде народни обврзници

Граѓанските обврзници најверојатно ќе бидат понудени пред годишните одмори и ќе имаат рок на доспевање од две години. Хрватска на почетокот на март со вакви хартии од вредност од граѓаните прибра над една милијарда евра


Наскоро и граѓаните во Македонија ќе можат да инвестираат во таканаречени граѓански или народни обврзници што ќе ги издаде Министерството за финансии и за тоа да добијат соодветен надомест, односно камата. Оваа новина пред хрватски инвеститори денеска ја најави Дејан Николовски, првиот човек во одделот за јавен долг во Министерството за финансии кој рече дека обврзницата ќе биде двегодишна.

„Планираме да издадеме она што Хрватска веќе го направи, граѓанска обврзница. Нашата намера е тоа најверојатно да биде пред летните одмори. Ќе се обидеме да ги убедиме нашите граѓани да имаат доверба во државата и инвестираат во сигурни хартии од вредност и за тоа да добијат сигурен прилив“, рече Николовски зборувајќи за можностите за развој на пазарот на капитал во Македонија во рамки на настанот „Денови на македонскиот пазар на капитал“ во организација на Македонска берза и Загрепска берза, кој примарно е наменет за хрватските инвеститори и финансиски посредници кои доаѓаат во Скопје.

„Она што може да го најавиме во овој момент е дека тоа ќе биде најверојатно двегодишна обврзница, а најмалиот износ кој ќе може да се уплати е 10 илјади денари, како и за постојните обврзници и записи“, рече Николовски , додавајќи дека обврзницата ќе биде наменета само за индивидуи, односно за граѓаните.

Инаку, Хрватска во почетокот на годинава издаде граѓански обврзници кои на тамошниот пазар на капитал се покажаа многу успешни, надминувајќи го повеќе од двојно планот државата на овој начин да се задолжи за околу 500 милиони евра, односно, граѓаните во Хрватска запишаа државни обврзници во вредност од над милијарда евра. Средствата собрани со издавањето на оваа обврзница, како што изјавија хрватски официјални лица, во најголема мера ќе се искористат за прилагодување на структурата на јавниот долг со цел, долгорочна одржливост на долгот, но исто така и за минимизирање на долгорочните трошоци за задолжување.

Поконкретно, со тој износ Хрватска ќе ги рефинансира долговите кои доспеваат годинава. Таму минималниот депозит за граѓаните беше 500 евра, минималната каматна стапка е 3,25 отсто годишно, а рокот на достасување на обврзницата е 2025 година.

Николовски денеска пред хрватските инвеститори не прецизираше колкава ќе биде емисијата на македонската граѓанска обврзница, односно колку пари планира државата да собере од граѓаните, како и која ќе биде каматата.

Зборувајќи за каматните стапки за другите видови државни записи и обврзници кои што се издадени, тој рече дека каматата за 12 месечните краткорочни хартии од вредност е 4 отсто годишно, а за оние на 15 години е 5,9 отсто. За другите, каматите се помеѓу овие две вредности.

Македонија во почетокот на март се задолжи на меѓународниот финансиски пазар со издавање на еврообврзница, деветта по ред до сега, во износ од 500 милиони евра со купонска каматна стапка од 6,96 отсто. Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто. Рокот на отплата е четири години.

„За другите инвеститори планираме до крајот на годинава на домашниот пазар да воведеме проектна обврзница, која ќе многу атрактивна, а за прв пат исто така планираме да почнеме и со подготовки за издавање на зелени обврзници“, рече Николовски.

Тој посочи дека зелените обврзници се тренд кон кој што треба да се вклучиме и ние. За таа цел потребни се одредени подготовки за издавање на зелени обврзници кој трае шест до осум месеци. Николовски исто така додаде дека кај инвеститорите веќе постои заинтересираност за ваков вид хартија од вредност и очекуваат што побрзо нашата држава да се појави на пазарот и со ваква обврзница.

Една од новините е и промена на платформата за издавање на примарни државни записи и обврзници, односно премин кон платформата на Блумберг, така што се планира наредните издавања на хартии од вредност на примарниот пазар да биде преку оваа платформа.

„Она што можам да го најавам е дека работиме на ова и се надевам дека наскоро нашата држава ќе биде котирана на Блумберг како примарен издавач на хартии од вредност“, вели Николовски.

Инаку, настанот на едно место ги собра претставниците на хрватските и македонските брокери и банки, инвестициски и пензиски фондови, котирани компании, регулатори, депозитари и други пазарни учесници.

Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев посочи дека најголемиот предизвик за Македонската берза е недостигот на странски портфолио инвеститори, а со цел да се надмине овој предизвик неопходно е македонскиот пазар на капитал што подобро да се претстави пред потенцијалните инвеститори.

Тој додаде дека е добро што основен двигател на македонскиот пазар на капитал се македонските инвеститори, но потребни се и инвеститори од странство кои ќе донесат раздвижување и нови практики на берзата.

„Изминатите години имавме неколку добри години, но сепак основен двигател на пазарот се македонските инвеститори и во добар дел македонските физички лица. Тоа е добро и посакувано, но не е идеална структура на прометот. Ние би сакале да имаме повеќе инвеститори од странство, тие ќе донесат и нов промет и нови практики“, изјави Штериев пред почетокот на конференцијата во Скопје.

Претседателката на Управниот одбор на Загрепската берза Ивана Гажиќ, рече дека е особено важна регионалната консолидација. Загрепската берза е сопственик на 100 отсто на Словенечката берза, како и најголем поединечен акционер Македонската берза со 30 отсто сопственост.

„Мислиме дека клучот на успехот е споделување на искуства и знаење и приближување на нашите пазари на локалните инвеститори. Хрватска има многу значајна инвеститорска база и целта ни е да им ги претставиме македонските компании и македонската економија која можеби досега не ја познавале толку добро“, рече Гажиќ.

Потенцијалните инвеститори го гледаат пазарот во регионот како единствен пазар. За таа цел, како што рече Матко Маравич од „Интеркапитал“, која е една од најголемите брокерски куќи во Хрватска и во Словенија, интеграцијата на регионот.

„Интеграцијата на пазарот е важна за целиот регион, не само за локалниот пазар“, посочи Маравич кој додаде дека странските инвеститори не доживуваат како еден регион. „Не постои Хрватска, Словенија, Северна Македонија, туку тие инвестираат во овој дел од светот. Мислам дека поврзувањето преку берзите и преку други инфраструктурни проекти е исклучително важно“, рече Маравич.