Државата ќе профитира од растот на минималната плата, но Владата нема да се меша, вели Мицкоски
Колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има во Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски
Владата ќе биде само олеснувач во дијалогот меѓу синдикатите и работодавачите за растот на минималната плата, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, освнувајќи се на седницата на Економско социјалниот совет која што се одржува во Владата. Според Мицкоски, државата односно Буџетот имаат корист од растот на минималната плата, бидејќи со нејзиното зголемување, ќе има и повеќе приливи во државната каса.
„Во моментов, се уште трае седницата на Социјално економскиот совет и таму има два партнери – работодавачите и работниците кои треба да се усогласат за овие параметри, како и за миминмалната плата, бидејќи ние како Влада сме во поразлична позиција. Од аспект на централниот Буџет, колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има во Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека како Влада не сакаат да се мешаат и дека ќе ги остават двете страни, работодавачите и синдикатите, да се усогласат, „што е тоа кое што можат едните и другите да го прифатат“.
„Ние сме страна која што фасилитира, а не да одлучува. Се што ќе договорат, како Влада ќе прифатиме“, изјави Мицкоски.
На прашањето дали доколку се договорат до Нова година, или во јануари, синдикатите и работодавачите, за зголемување на минималната плата на 450 евра, во Буџетот ќе има пари да се зголемат толку платите или пак предвидените средства се за законското усогласување од 1.600 до 1.800 денари што треба да го добијат во март, Мицкоски одговори дека во Буџетот се предвидени средства согласно законските услогласувања.
„Но, секогаш има ребаланс на буџетот. Од страна на Владата не е проблем, ние ќе имаме приходи, бидејќи зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите. Тие ќе треба да уплатат повеќе во Буџетот“, рече Мицкоски објаснувајќи низ пример дека ако минималната плата била 100 парички, 40 проценти од тоа влегува по разни основи во Буџетота, а ако биде 120 парички, ќе биде 40 отсто од 120.
„Сите оние кои што кажуваат дека државата се грижела, не се грижела државата. Државата профитира од тоа. Проблемот е кај работодавачите. Дали тие како економија можат тоа да си го дозволат и да го направат и дали после тоа ќе има други трикови од типот пола пола, пола на рака и тн. Тоа е веќе друга тема“, рече Мицкоски.
Тој појасни дека ако има потреба за нивелирање на платите тоа може да се стори со ребаланс на Буџетот, кој со оглед дека има локални избори, би се носел во јуни-јули.
„Согласно закон ребаланс не смееме да правиме понатаму, но и да нема ребаланс на крајот на денот ќе направиме прераспределба. Ќе надополниме бидејќи ќе имаме поголеми приходи од стопанството“, рече Мицкоски.
Инаку, денеска во Владата се одржа состанок на Економско социјалниот совет кој е место за дијалог помеѓу Владата, работодавачите и синдикатите.
Мицкоски објасни дека се разговарало за Буџетот, за предизвиците врзани за надминување на проблемите кои што ги мачат граѓаните и за стандардот на граѓаните.
„Очекувам следната година да имаме економија која што оди напред и произведува додадена вредност, како и раст кој ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе пари, подобри услови за бизнис и поефикасни услуги“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во Буџетот кој е во собраниска процедура, за наредната година се предвидени средства за зголемување на пензиите, преостанатите 2.500 денари, од март, односно ќе бидат исплатени во април, за што се предвидени околу 105 милијарди денари, што ќе биде второ зголемување на пензиите по растот кој се случи оваа година. Потоа, за исплата на плати се обезбедени 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, како и пари за поддршка на ранливи категории за кои се предвидени 14,5 милијарди денари, потоа за здравствена заштита 5,32 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.
„Во Буџетот се предвидени растот на платите во образованието и просветните работници, растот на платите во здравството и здравствените работници, што беше и наше ветување“, додаде тој.
Според Мицкоски, во стопанствот ќе се случуваат два важни процеси. Првиот е реализација на инвестициски циклус за капитални проекти во општините за кој Владата веќе обезбеди 250 милиони евра.
„Ќе се градат училишта, градинки патна и водоводна инфраструктура. И вториот циклус се парите кои преку банките ги ставаме на располагање во форма на супер евтини кредити со каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата. Тоа значи дека ќе имаме огромен инвестициски бран од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, во објекти за сопствени потреби, како и да учествуваат во проектите кои што ќе ги инвестираат општините“, рече Мицкоски.
Тој очекува раст на БДП исто како ираст на странски директни инвестиции.
„Сето ова треба да ја закрепне економијата и да ја постави на здрави основи. Останува да разговараме со синдикатите и работодавачите и тој дијалог треба да донесе решенија на проблемите кои постојат, но и да трасира решавање на децениските бариери и напластени пропусти кои се случувале и кои како општество придонесуваат да стагнираме. Оптимист сум дека работите се движат во добар правец“, рече Мицкоски.
Пред седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС), првиот човек на Сојузот на синдикат, Слободан Трендафилов рече дека во Буџетот можеби прв пат по подолго време се предвидени средства за раст на платите за повеќе од десет отсто.
Како што изјави Трендафилов, согласно буџетските проекции кои ССМ можел да ги види, Владата предвидува средства согласно колективните договори и законите за зголемување на платите.
Нарушениот животен стандард со постојаниот раст на синдикалната минимална кошничка која од почетокот на годината до денеска се зголеми за повеќе од 4.800 денари, треба да биде доволен мотив за покачување на минималната плата, оцени Трендафилов.
(М.Ј.)