„Државата е во целосен застој и оди назад“: Филипче за Извештајот на ЕУ
Според лидерот на СДСМ, ова е најлошиот извештај за последниве десет години и со владата на ВМРО-ДПМНЕ Македонија ризикува да остане слепо црево на Балканот
Македонија е застаната и почнува да се движи назад, додека другите кандидати одат напред кон ЕУ.
Вака претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. Тој рече дека Брисел испраќа јасна порака за насоката во која се движи државата со владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да не стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите”, изјави на прес-конференција Филипче.
„Државата е во целосен застој, а европскиот пат е сведен на празна реторика. Не постои напредок во ниту една област, а во делови има и назадување“, рече Филипче.
„Не само што тапкаме место туку се враќаме назад. И ова не е проблем на Европската унија ова не значи дека некој нас нѐ спречува нешто да работиме ова е знак за тоа дека владата нема волја, нема желба, нема капацитет, да ја сработи и работата којашто треба да ја сработи и да го испорачаат тоа што е во интерес и на граѓаните и на државата“ изјави Филипче.
Тој додаде и дека реформите што недостасуваат се суштински за функционирањето на државата и системот.
„Во бројки ситуацијата изгледа дека само четири области се оценетие како добар напредок, а и тие се минорни и не се однесуваат на вистински внатрешни реформи. Во осум области нема никакво поместување вклучувајќи и најкритичните правосудството и фундаменталните права. Она што е најлошо од овој извештај во поглавјето 24 – Правда слобода и безбедност, владата добива единица што значи драстичен пат во споредба со лани,“ истакна Филипче.
„Реформската агенда не се спроведува, обврските се неисполнети, а државата губи пари од ЕУ. Недозволиво е да нема буџет за спроведување на реформите кои се клучни за европскиот процес. Во демократијата нема напредок, Собранието е блокирано, а уставните измени, кои се клучни за старт на преговорите, не се ни разгледуваат. Во судството независноста останува поткопана, а борбата против корупцијата е во застој. Јавната администрација функционира со 60 отсто закони донесени по скратена постапка, без јавни дебати и комуникација со експертската јавност. Во образованието финансирањето е намалено, а резултатите кај учениците се влошуваат. Во животната средина и земјоделството недостигаат клучни закони. Во даночниот систем доцнењата на повратот на ДДВ се алармантни“, рече тој.
Потоа нагласи дека „во извештајот стои дека има ограничен напредок го подобрување на деловната клима, слабо спроведување на закон за конкуренција, нема усогласување со правилата на ЕУ, реформите за неформалната економија се во застој, слабо управување со јавни инвестиции, перзистентна корупција и правна несигурност ги обесхрабруваат инвестициите, делумна дигитална трансформација, бавен напредок во усогласување со Европската унија“.
Според него, со владата на ВМРО-ДПМНЕ и овој најлош извештај за последниве десет години Македонија ризикува да остане слепо црево на Балканот. „Овој извештај сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Тој зборуваше дека СДСМ останува на ставот дека е неопходна широка дебата и национален консензус околу стратешките приоритети на државата. Па ја спомена резолуција која е доставена до сите парламентарни и политички партии со цел да се добие повратна реакција.
„Нашата предлог-резолуција е добра основа да седнеме и да дебатираме. Потенцирав неколку пати – тоа е предлог верзија, не е финална. Очекувам фидбек, но сè уште немам добиено официјален одговор од ниту една партија“, изјави Филипче.